Mинистерот Поповски на работилницата „Новинарството за безбедносните предизвици во новото време“

Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски денеска се обрати на регионалната работилница на тема „Новинарството за безбедносните предизвици во новото време“ што се одржа во хотел Мериот.

На конференцијата воведни зборови имаа и Борче Петревски, национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Амер Капетановиќ, шеф на политичкиот оддел на Регионалниот совет за соработка како и Александар Меламед, шеф на прес и комуникацискиот тим при Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.

Министерот Поповски во оваа пригода истакна дека во време кога има чести појави на екстремизам, екстремно насилство и тероризам, последиците ги чувствуваат граѓаните и поширокото општество.

„Медиумското известување и новинарските истражувачки стории за феномените на насилниот екстремизам и тероризам резултираат со напади врз новинарите од страна на екстремистите и нивните симпатизери. Тоа се напади врз животот на новинарите и другите медиумски работници и врз интегритетот на професијата и врз вистината“, подвлече Поповски.

Тој истакна дека постоењето на слободни медиуми е клучен фактор во борбата против насилниот екстремизам.

„Улогата на владите во ваква ситуација е по секоја цена, дури и по цена на губење на рејтингот, политички поени па дури и избори, да ја штитат и унапредуваат слободата на говор и изразување. Професионалното, квалитетно новинарство останува главна цел на владата. Го ослободивме медиумскиот простор за новинарство кое се спротивставува на влијанијата на центрите на моќ. Цензурата е забранета и не смее да постои. Гарантираме нулта толеранција за насилство, напади, уцени, закани и притисоци врз новинарите и медиумските работници“, посочи Поповски.

Тој додаде дека според истражувањето на интернет цензурата, Северна Македонија е рангирана меѓу земјите со најмалку онлајн ограничувања во светот и дека ова е оставено на целосна саморегулација на новинарите и почитувањето на етичките стандарди и борбата против говорот на омраза во медиумите.

Видливиот напредок во слободата на говор и изразување во Северна Македонија е констатиран во извештаите на Европската Комисија, на Репортери без граници, Фридoм хаус, а за прв пат една влада усвои Стратегија за транспарентност чие значење е истакнато во најновиот извештај на Европската Комисија.

Поповски истакна дека во насока на спречување на опасностите од ширењето на лажните вести и сајбер заканите, Владата на Северна Македонија изработи и акциски план и формира акциска група за борба против дезинформациите и нападите врз демократијата.

Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Борче Петревски во своето обраќање посочи дека медиумите имаат голема одговорност во борбата против екстремизмот и дека во ваков случај треба особено внимателно и димензионирано да се известува.

Амер Капетановиќ, шеф на политичкиот оддел на Регионалниот совет за соработка, истакна дека се’ почесто сме сведоци и консументи на информации создавани и пласирани без да се води грижа за етичноста. Тој повлече дека во ерата на дигиталните медиуми не е фер целосната одговорност за непрофесионалното информирање да ја сносат исклучиво новинарите, но дека тие честопати во трката по информации и „кликови“, продуцираат лажни вести без увид во последиците.

Шефот на политичкиот оддел на Регионалниот совет за соработка Александар Меламед ја поздрави заложбата на владата за зголемување на медиумската писменост и нејзино воведување во формалното образование.