24/04/2024
Македонија

Мајските оперски вечери во знакот на Пучини, почнуваат задутре со „Боеми“

На 9 мај, со изведбата на операта „Боеми“ од Џакомо Пучини, во Македонската опера и балет свечено ќе бидат отворени 46. Мајски оперски вечери. Со хорот и оркестарот на МОБ ќе диригира Џанлука Мартиненги од Италија, режијата е на Дејан Прошев, а во главните улоги ќе настапат Ѓорѓи Цуцковски и Благица Поп Томова …

„Боеми“ – приказна за љубовниците Родолфо и Мими во Париз, во Македонската опера и балет ќе биде изведена по пауза од 11 години, овојпат во режија на Дејан Прошев кој на денешната прес-конференција истакна дека новата премиера го следи либретото и има четири чина со една пауза. Тој истакна дека се работи за комплексно оперско дело и е уверен дека со екипата направиле одлична претстава во која, како што рече, публиката ќе ужива.

Во фоајето на МОБ, пак, од 9 до 31 мај јавноста ќе може да ја види и ретроспективната изложба на фотографии и плакати со наслов „#retrOpera“ која ја подготви Одделението за документација и историска архива при оваа институција, како и изложбата на скулптури од опусот на уметникот Васе Урдин.

На 10 мај во фоајето на МОБ ќе биде одржана промоција на најновата книга на Аки Нуредини – хуманитарец, вљубеник во оперската уметност. На 12 мај на програмата е операта „Тоска“ под диригентската палка на Симон Кречич од Словенија, во режија на Огњан Драганов од Бугарија.

Во улогите на Тоска и Каварадоси ќе ги видиме гостинката од Турција, Феријал Туркоглу, и гостинот од Италија, Роберто Јулијано. За 15 мај МОБ подготви гала-балетски концерт насловен „Балетски бисери“, со гости од Србија, Бугарија, Хрватска и од Босна и Херцеговина, како и со наши балетски првенци, а во фоајето на МОБ ќе биде отворена изложбата „Почетоци” посветена на првите генерации балетски уметници во земјава.

На 19 мај е изведбата на операта „Турандот“. Диригент ќе биде гостинот од Италија, маестро Лоренцо Тациери, а режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако.

Промоцијата на монографијата за оперската певица Зина Креља, сопран и првенец на Операта, е закажана за 20 мај, а на 22 мај Македонската опера и балет ќе биде домаќин на Босанската државна опера. Гостите ќе настапат со изведба на нивната најнова оперска продукција „Змејот од Босна“ од композиторот Асим Хорозиќ, а диригент е Нада Матошевиќ–Орешковиќ од Хрватска.

За 23 мај е предвиден гала-оперски концерт по повод 160-годишнината од раѓањето на Џакомо Пучини и 150-годишнината од смртта на Џоакино Росини. Диригент ќе биде Рафаеле Масколо од Италија, а како гости солисти ќе се појават Екатерина Баканова – сопран од Русија, Линда Кампанела – сопран од Италија, како и нашите оперски првенци.

Мајските оперски вечери ќе бидат затворени на 31 мај со традиционалната изведба на операта „Аида“ под диригентство на маестро Бисера Чадловска, во режија на Дејан Прошев, а ќе настапат: Ана Лукреција Гарсија од Шпанија, Софија Јанелидзе од Грузија, Валтер Фракаро од Италија и др. Претходно ќе биде отворена јубилејната изложба на фотографии посветена на сопранот Данка Фирфова, една од основоположниците на професионалната опера во Република Македонија, насловена „Данка Фирфова – 100 години од раѓањето“.