20/04/2024
Македонија

Македонија ќе биде земја во фокусот на Саемот на книга во Пула

Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски оствари средба со Магдалена Водопија, директорката на Саемот на книга во Пула, Република Хрватска. Договорено е Македонија да биде земја во фокусот на оваа манифестација со меѓународно реноме, чија тема годинава е „Слобода“….

На средбата со Магдалена Водопија, директорка на Саемот на книга во Пула која деновиве со други хрватски издавачи и автори престојува на Саемот на книга во Скопје, министерот Алаѓозовски ги истакна заложбите за унапредување на меѓународното претставување на авторите и издавачите од Македонија и соработката со книжевната сцена во регионот и Европа.

Ставањето на Македонија во фокус на 24. издание на Саемот на книга во Пула што се одржува на крајот на ноември и почетокот на декември 2018 година ќе биде одлична можност за посодржајно преставување на авторите и издавачите од Македонија пред регионалната и европска публика и фела.

Инаку, како што е најавено и со Националната стратегија во културата за 2018-22 година,  Министерството за култура од оваа година го активира целосно Секторот за книга при Министерството и го презема меѓународното претставување и презентирање на издавачката продукција и литературата од нашата земја, преку концептуално презентирање на автори и дела од Македонија прилагодено на тематските фокуси на саемите, што ќе ги зајакне меѓународните претставувања на македонската книжевност и издаваштво.

alagjozovski_vodopija_saem_pula_sredba_4_maaj_2018_foto_2