28/03/2024
Македонија

Македонија на европското дно според бројот на автомобили „по глава на жител“ (инфографик)

Сообраќајните гужви се секојдневие во Скопје и во останатите градови од земјава, но дел од статистичките податоци покажуваат дека бројката на автомобили што се движат во нашите градови допрва ќе расте. Нашата земја се наоѓа на самото европско дно со едвај 195 патнички автомобили на секои 1.000 жители изброени во 2017 година.

Наспроти пресметката на Државниот завод за статистика, податоците на ЕУРОСТАТ покажуваат дека Македонија е далеку од просечната стапка на моторизација во Европската унија, која пред две години на секои 1.000 жители имала по 500 патнички автомобили. На ниво на Европа, позади нас единствено била Турција со 149 автомобили на секои 1.000 жители.

Податоците од секоја земја произлегуваат од бројката на автомобили што се регистрирани во неа. Македонија би можела да се пофали со голем на возила со странски регистарски таблички што се возат по улиците, а кои не влегуваат во оваа официјална евиденција. Без колите со бугарски таблички, во земјава на крајот од 2017 година имало 403.316 автомобили, од кои над 144.000 биле регистрирани на територијата на Скопје. Исто така, во оваа бројка не се вклучени и автомобилите кои сообраќаат но не се регистрирани. Тоа би значело дека стапката на моторизација на македонските граѓани е нешто поголема од официјалната статистика.

Постојаното зголемување на бројката на регистрирани автомобили низ годините во Македонија треба да загрижува, но прогнозата за бројката на купени возила што допрва ќе треба да ја достигнеме во наредните години е полоша, ако се земат во предвид податоците од некои од источноевропските земји.

Податоците на ЕУРОСТАТ покажуваат дека Бугарија во 2007 година на секои 1.000 жители имала по 272 автомобили, при што една деценија подоцна оваа бројка се искачила на 393 автомобили.

Уште еден подрастичен пример е Полска, како една од европските земји со брз и стабилен економски развој. Во 2007 година, во просек 383 од 1.000 Полјаци имале автомобил, додека во 2017 година стапката на моторизација се искачила на 593 патнички автомобили на 1.000 жители.

Искуствата од останатите европски земји покажуваат дека изградбата на инфраструктура е клучна за надминување на сообраќајниот метеж што произлегува од наголемувачкиот раст на бројката на автомобили. Покрај потребата од изградба на нови сообраќајници во градовите и патишта низ самата земја, Македонија ќе треба да посвети многу поголемо внимание во развојот на јавниот превоз, доколку не планира да ги доведе патниот сообраќај и животот во градовите во колапс.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека градско – приградскиот превоз во земјава се намалил за 40 милиони патници во периодот од 2000 до 2018 година. Константно намалување на бројката на превезени патници има и во скопскиот јавен превоз.

Покрај тоа што сообраќајниот метеж низ македонските градови ќе продолжи да расте, зголемувањето на бројот на автомобили во иднина ќе создава уште посериозен проблем со недостигот на паркинг места.

Извор: мета.мк