23/04/2024
Македонија

Македонија со препорака за започнување на пристапните преговори со ЕУ

Република Македонија доби позитивен Извештај за напредокот од Европската комисија, која му предлага на Советот започнување на преговори за членство во Европската Унија, со оглед на постигнатиот напредок и остварувањето на реформите.

Во Извештајот се вели дека земјата конечно ја надминала својата најтешка политичка криза од 2001 година, а новата Влада покажала посветеност и политичка волја за унапредување на реформската агенда на ЕУ и во тој контекст постигнат е значителен напредок во имплементација на „Итните реформски приоритети“.

Вообичаено, во текстот се дадени оценки за јавната администрација, судскиот систем, борбата против корупцијата и организираниот криминал, основните човекови права, регионалната соработка, соочувањето со миграцијата, економската состојба и ЕУ законодавството.

Во однос на спорот со името, тој треба да се реши како итно прашање. 

Република Македонија е земја кандидат за членство во големото европско семејство уште од 2005 година. Покрај нашата земја, и Република Албанија доби препорака за почнување на пристапните преговори.