20/04/2024
Спорт

Македонија тренираше во Ереван

Националниот тим на Македонија после саботната победа над Лихтенштајн, денеска патуваше кон Ереван каде што веќе го одработи првиот тренинг. Репрезентативците тренираа во тренинг центарот на Фудбалската федерација на Арменија а тимот работеше разделен на два дела. Играчите што играа против Лихтенштајн имаа полесен тренинг, а останатите тренираа со полн интензитет. Добрата атмосфера што го краси тимот е присутна и во Ереван, после трите победи само бод ни е доволен за да го потврдиме првото место во групата, меѓутоа сите се решени да се нападне четврта победа во Лигата на Нации.

Тука сме да одиграме најдобро што можеме, Ерменија не е така наивна репрезентација, и не не залажува нивниот пораз од Гибралтар. Верувам дека ќе бидеме во ниво и дека ќе ја продолжиме добрата серија”, изјави Стефан Ристовски.

Имаме одлична атмосфера после победата над Лихтенштајн и добрите резултати што ги постигнуваме во серија. Ни треба само бод но во Ереван сме да нападнеме победа”, вели Ферхан Хасани.

Македонија во понеделник ќе го одработи официјалниот тренинг во стадионот каде што во вторник од 18:00 часот го играме натпреварот од четвртото коло на Лига на Нации против Ерменија.