24/04/2024
Охрид

Македонска промоција на книга за дипломатот, професорот д-р Предраг Симиќ“: „Спојувајќи ги Исток и Запад“

Во организација на Универзитетот ЕВРО – БАЛКАН од Скопје и Здружението на Србите „КОШТАНА” од Охрид, утре, понеделник, 27 август, со почеток во 11:00 часот, во МАНУ – Куќа на Уранија во Охрид, ќе се одржи македонска промоција на книгата и зборникот трудови: „СПОЈУВАЈЌИ ГИ ИСТОКОТ И ЗАПАДОТ – СПОМЕНИЦА НА ПРОФЕСОРОТ ПРЕДРАГ СИМИЌ”.

На промоцијата ќе зборуваат: Професор Д-р Рубин Земон, од Универзитет ЕВРО – БАЛКАН, амбасадорот Драган Јанатов, потоа Зоран Цветковиќ, претседател на Здружението на Србите во Охрид „Коштана” и д-р Јасминка Симиќ, приредувач на книгата.

Во име на Општина Охрид, поздравен збор ќе има заменик-градоначалникот, Константин Георгиевски, додека модератор е новинарот и публицист Веле Митаноски.

Професорот Симиќ, беше еминентен српски и балкански мислител во науката, хуманист и талентиран дипломат, со искуство во светските дипломатски центри, како Париз, директор на Диоломатската академија при МНР во Белград, редовен професор на Факултетот за политички науки за предметот меѓународни односи и надворешна политика, како и визитинг професор на многу угледни универзитети во светот.

Напиша многу книги, а особено забележани останаа: „Патот во Рамбуе – Косовската криза 1995-2000“, „Тито и НАТО – подемот и падот на втора Југославија“.

Учествуваше на собир во „Куќата на Уранија” (МАНУ) во Охрид – Втора Меѓународна конференција за културно наследство, туризам и медиуми, како и на Меѓународната конференција Дијалог на цивилизациите – Охрид 2002, на УНЕСКО, под покровителство на тогашниот претседател и негов личен пријател Борис Трајковски.

На Правниот факултет „Јустинијана Прима“ во Скопје, одржа трибина на тема: „Србија, Балканот и евроинтеграциите“.

Во интервју за „Утрински весник“, Симиќ зборуваше: „За мене е изненадувачки што проблемот со името трае толку долго. Имам разбирање за стравувањата кај Македонците. Јас, исто така, би имал проблем, ако, на пример, се бара Србија да си го промени името. Идентитетот на еден народ е многу големо прашање. Проблемот го усложнува и самиот факт што Македонци живеат во сите 4 држави од своето опкружување. Дури и да се преименува во Горна или Северна, не сум сигурен дека проблемот би бил решен. Од друга страна, економската состојба во Грција, исто така, е голем фактор. Предвидувам статус кво состојба на подолг рок”.

Посебен впечаток остави неговиот исправен став, за ирационалниот грчко-македонски спор, за “штетите што Македонија ги трпи, за историските последици поради оддолгoвлекувањето на евроатланското интегрирање, а први сме стартувале на Балканот, ама, за жал, други ни поставувале “тегови на нозете!”.

Веле Митаноски