25/04/2024
Македонија

Македонското културно наследство претставено на саем во париски Лувр

Македонското културно наследство кое беше претставено на 23. Меѓународен саем за културно наследство во музејот Лувр во Париз предизвика голем интерес кај француската публика, соопшти Управата за заштита на културното наследство (УЗКН).

„Интересот за македонското културно наследство беше особено голем, бидејќи пребирливата француска публика покрај интересот за археологијата и средновековната уметност има и големо знаење за регионот. Големиот интерес за малите публикации за домашното културно наследство го потврди тоа“, истакнува Елеонора Петрова- Митевска, директор на Управата за заштита на културното наследство.

Според неа, саемите од овој вид се особено важни за македонските конзерватори бидејќи можат да учат од искуствата на голем број ателјеа и фондации од Европската унија, кои ја довеле до совршенство конзервацијата и заштитата.

Македонија, претставувана од Управата за заштита на културното наследство, по трет пат ги презентираше македонските археолошки локалитети, средновековните цркви, џамии и други споменици преку малите научно-популарни публикации. Беше одржана и видеопрезентација за најзначајното движно, недвижно и духовно наследство во Македонија.

Македонскиот штанд во Париз го посети и министерот за култура Роберт Алаѓозовски и вршителот на должноста амбасадор на Македонија во Париз, Габриел Атанасов.

Меѓународниот саем за културно наследство повеќе од две децении на едно место собира експерти од цел свет со цел презентација на културните добра и нивна заштита. На годинашниот саем, што се одржа од 2 до 5 ноември, учествуваа и Германија, Белгија, Кина, Португалија, Италија, Грција, Швајцарија, Холандија и други земји.