Малку ни беше урбанистичкиот – преживуваме и културен хаос!?

Не е доволно, на сет глас, да глаголиме како е Охрид – македонска културна мека, летен културен центар, вториот Ерусалим, Ерусалим на Балканите, просветен и духовен центар – одовде до Владивосток….

Охрид, навистина е свет град, со неговата Via Sacra, со стотиците цркви, архитектурата…

Со урбанизмот и архитектурата, ја оплескаме до бесвест! Светот ни се смее, градскиот градежен простор е во посед на урбаната мафија, локалната и централната власт си ја префрлуваат одговорноста, те ќе се сојузуваат, ама, пак ништо!

Премиерот ветува рушење на дивоградби, ветувањето држи вода до следната cover story, во најчест случај афера од доменот на корупцијата и криминалот и се така – ќе лавне по некое куче и карванот си врви!

Како да ни беше малку урбанистичкиот хаос, со секое лето, ни се повторува културен хаос!

И како што обично бидува, на тоа ни укажуваат странците, ние тоа не го гледаме, не го слушаме!

Според владиката Његош, работите се гледаат појасно – од подалеку и од повисоко!

Под сводовите и светоста на Света Софија, синоќа, имавме можност да го проследиме солистичкиот настап на гитара на гркинката Елена Папандреу. Трпеше што трпеше, не издржа.

Гитарата, вообичаено, ја полни Света Софија. Така беше и синоќа. На публиката, особено оние од првиот ред, им ја плесна, директно во очи. Дека е деконцентрирана, дека се мешаат звукови, миксот е неподнослив!

Не разбрав добро, нешто кажа за Македонија, но веднаш се исправи Nord Macedonija.

Навистина беше ужасно. Не одат заедно гитарата и бугарските тапани, или, пак хрватските извикувачки попевки, со какви ечеше, тука, изнад Света Софија, на Долни Сарај.

Некаков фолклорен фестивал, најверојатно во приватно издание.

Порано се знаеше – Балканскиот фолклорен фестивал, како увертира, те Охридско лето, како уметничка елеганција, или, како што пишуваме, ние, новинарските пискала: Прозорец кон светот и од светот.

Не знам кој е газдата на Долни Сарај, веројатно, државата, или општината – сеедно, но знам дека ја уредуваше фестивалот Охридско лето. Тоа би требало да значи дека фестивалот е стопанот. Ако е така, тоа би значело дека, синоќа, фестивалот си пукал во сопствената нога!?

Старо, како мене, дртало, од соседството на Света Софија, го туражира, крагуевачкиот old timer. Богами, оди кон половина век. Но, тоа не му пречи на кустосот од Света Софија, наутро, уредно да му ја отвори капијата на древноста, каде чичето си го чува крнтијата од автомобил!

Тоа значи дека и навечер, уредно му ја отвора, за да влезе!

Пред два-три дена, снимавме емисија на националниот сервис за Славко Упевче. Како најде, токму кога јас се искажував, да го туражира дрталото од автомобил, за да излезе од гаражата, што се вика – двор на Света Софија. Ограден со ковано железо.

Ај си има гаража, гази врз светостите на градот, туку си има и клучар, нешто како од делата на Виктор Иго, во фгорма на кустос на Света Софија.

Секоја чест на поединците, но во случајов на чичево станува збор, нели, за угледно семејство, чии членови се распослале одовде до вечниот Рим, некогаш по министерски фотељи! Ќерката на чичево, даваше изјави, во име на граѓанското здружение Совест, демек – совеста на Охрид!

Директорката на Завод и Музеј, забравив и името, јаљ знае, ја незнае за ова. Велат Заев конечно ја ставил на тенок мраз. Да, ама јас му напишав писмо – колумна, кога ја стави, однапред да си знае со кого си има работа.

Дирекција, дирекција за летно усогласување на културното живеење во Охрид!

Оваа песничка, се вергла со години, кој ќе преживее, еден ден ќе раскажува.

Веле Митаноски

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.