18/04/2024
Македонија

Манчевски дел од конференцијата за паметни градови

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и aмбасадорката на Швајцарија во Македонија, Н.Е. Сибил Зутер Техада ја отворија првата национална конференција „Паметни градови„.

Како што истакна министерот Манчевски, анализите покажуваат, дека до 2050 година, 80% од светската популација ќе живее во градовите, што би значело дека модернизацијата на секојдневното живеење, мора да почне со дигитализација на градовите и нивна трансформација во паметни градови, а се со цел олеснување и подобрување на квалитетот на животот.

Според министерот Манчевски, градење на паметен град бара политичко разбирање на технологијата, разбирање на процесите, желба за обезбедување на побрзи, поефикасни и поефтини услуги за граѓаните. Градоначалниците треба да сфатат дека технологијата сама по себе нема да го направи градот попаметен.

„Денес би требало да предупредиме дека сега е времето кога мора да сфатиме како да ги користиме новите технологии за подобри цели. Не можеме и не смееме да продолжиме со истиот начин на дејствување и развој на градовите. Трупањето бетон за профит, без да се има предвид ефектот врз загадувањето на водата, воздухот, влијанието врз климатски промени не може да продолжи. Работите мора да ги правиме на друг начин, технологијата да ја искористиме во вистинска насока. Мора да работиме, и да направиме градови кои се чисти, градови во кои ѓубрето се рециклира, градови со паркови и зелени површини, градови каде е лесно и едноставно да ги добиеш сите услуги потребни за квалитетен живот. Само со постојано вложување во поголема поврзаност и подобрени технички способности, ќе го постигнеме тоа. Тука е потребна соработка на локалната со централната власт, но и со бизнисите и граѓанските организации. Ние како Влада сме тука, да ги поддржиме сите иновативни решенија за развој на паметни градови во Македонија“, рече министерот Манчевски.

„Новите технологии на кои се основа концептот на паметен град, обично работат на високи фреквенции. Високите фреквенции се уште, се нерегулирани на глобално ниво. Секојдневно се појавуваат нови технологии и производи кои работат во различни фреквенции. А фреквенциите се ограничен природен ресурс. Мораме многу внимателно да планираме како ќе ги искористиме. И не смееме да брзаме, зошто секоја грешка само после неколку години може да не чини дополнителни инвестиции од редот на десетици милиони евра“, истакна министерот осврнувајќи се на позитивните но и негативните аспекти кои бараат да се биде внимателен при донесувањето на одлуки.

Сепак, како што информираше министерот Манчевски, предностите што со себе ги носат паметните градови се од непроценлива вредност.

Настанот беше организиран од Ц ентарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, во рамки на проектот „Смарт Охрид“, поддржан од Швајцарската Амбасада во Скопје.