29/03/2024
Македонија

Манчевски: Листа на документи кои министерствата се задолжени да ги објават на сајт

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, одржа прес конференција.

Министерот Манчевски ја информираше јавноста дека Владата на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата подготвена од Министерството за информатичко општество и администрација, што се однесува на листа на акти и материјали коишто министерствата согласно закон се обврзани да ги објават на своите веб страни.

Станува збор за листа од 21 документ, коишто во наредните 15 дена треба да бидат објавени на веб страните на министерствата.

„Анализите спроведени во 2016 година покажуваат дека во поглед на отвореностa на извршната власт, Македонија е на последно место во регионот со исполнување на само 36% од индикаторите во истражувањата. Имајќи ја во предвид целта на Владата за транспарентност и отчетност во своето работење, се наметна потребата да се преземат конкретни мерки и активности за подобрување на оваа затекната состојба“, истакна министерот Манчевски.

Обврската за објава на листата на документи на веб страните на министерствата подразбира и нејзино ажурирање. Дополнително, на овој начин ќе се обезбеди и полесен пристап до административните услуги.

„Отвореноста на институциите претставува клучен услов за демократијата. На овој начин на граѓаните им се овозможува да добиваат информации кои се неопходни за еднакво учество во политичкиот живот, учество при донесувањето на одлуки и барање одговорност од институциите“, посочи министерот Дамјан Манчевски.

https://www.youtube.com/watch?v=gI7xCO7pxjo

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *