19/04/2024
ИнтервјуОхрид

Мега интервју со градоначалникот на Охрид д-р Никола Бакрачески

WebOhrid: Нашиот медиум, WebOhrid  се појави точно пред  една година, речиси во исто време кога името на  д-р Никола Бакрачески  беше објавено како кандидат за градоначалник на Охрид. Година дена политичка активност се зад Вас. Предизборна набиена агенда од најмалку 100 дена турбо агенда и уште побогато работно секојдневие на градоначалничката функција од првиот ден до денешниот ден. Кога ќе погледнете во календарот на изминатава година, господине Бакрачески: колку и зошто  посакакувавте да го промените Охрид, колку тоа Ви успеа и колку Охрид Ве промени Вас и Вашиот модус вивенди?!  

Градоначалник: Уште за време на предизборната кампања, јасно беше изложена мојата визија и желба за промена во начинот на менаџирање со општината, затоа што и тогаш и сега цврсто верувам дека Охрид и охриѓани заслужуваат многу подобро и многу повеќе, во она што се нарекува квалитет на живеење. Искрено, посветено и секојдневно работам на остварување на мојата агенда и се разбира дека постепено ги остваруваме зацртаните цели. Некои проекти и процеси можеби не одат со посакуваното темпо заради наследи негативни состојби, но дефинитивно се движиме во добра насока. Што се однесува до промените во мојот начин на работење и живеење – секако дека ги има, но професионалноста и одговорноста во моето работење остануваат непроменти –секогаш на максимално високо ниво.

WebOhrid: По осумгодишно владеење на претходната власт и по сознанието дека општината е презадолжена финасиски со неверојатни 32 милиони евра, која беше скриената надеж и верба дека токму Вие и Вашиот тим преземајќи го раководењето со Охрид, ќе можете да го вратите градот на вистинскиот пат, или во најмала рака речено – да го извадите од финасискиот амбис?!

Градоначалник: Нема тука никаква скриена надеж. Напротив, ние и досега јасно укажуваме на сите дубиози и неправилности во работењето во мандатот на претходната локална власт. Тоа што најмногу ме тера да верувам во посветла иднина на овој град, е мојата цврста верба дека со домаќинско работење, со издржани и реални проекти, ние можеме и мораме да обезбедиме пристоен живот за граѓаните и извесна иднина за следните генерации. За тоа имаме знаење и капацитет, а сполај му на Бога, можностите кои ги има Охрид, сигурен сум дека ако добро и правилно се искористат ќе дојдеме до посакуваната цел.

WebOhrid: Уште на почетокот ги повикавте доверителите кон кои должен остана претходниот градоначалник. Успеавте да го репрограмирате долгот, да ги одложите и каматите. И чекор по чекор, според приоритетни, да се оддолжува и ослободува општината. Колку тоа  засега се покажа како  сериозност и какви се новите релации  со старите доверители?! Продолжува ли соработката!?

Градоначалник: На почетокот најважно беше да се добие реална слика за вкупната финансиска состојба на општината, и за тоа најрелевантно беше да се направи независна ревизија на вкупното работење на претходната власт. Паралелно со тоа поведевме еден процес на преговори со сите доверители, запазувајќи ги економските законитости и во поглед на доверителите, но и во поглед на непречено функционирење на општината. Морам да истакнам дека тука имаме добри резултати и по конечниот извештај на Државниот ревизор, работите се враќаат во нормален колосек, па дури успеваме во овие неколку месеци перманентно да го намалуваме долгот на општината.

IntervjuGradonacalnikBakraceski05

WebOhrid: Долговите за кои зборуваме пред се  се направени од недомаќинското работење на  јавните  општински претпријатија и  нивните недомаќински  и неодговорни менаџери кои  од една страна се презадолжија, а од друга  со неконтролираните  и прекубројни вработувања  дозволија  истите тие вработени да не земат  и по неколку плати.  Каква е сега состојбата и што презема те Вие како градоначалник и Вашиот тим за да се подобрат работите?!

Градоначалник: Ситуацијата во јавните претпријатија беше иста или слична на ситуацијата во локалната самоуправа. Се разбира и тука направивме длабоко скенирање на состојбите. Направивме и одредени кадровски промени кои со новиот пристап во менаџирањето со јавните претпријатија, веќе ја менуваат сликата за нивната ефикасност во работењето. Тука морам да го издвојам МЈП Проаква, за кое ќе требаат поопсежни мерки за конечно и ова препријатие да работи ефикасно и економски оправдано. 

WebOhrid: Превработеноста најмногу се гледа и во општинската зграда.Во една општина која тежи да стане европска, и согласно бројот на  жители, како што еднаш рековте и Вие, да функционира нормално  со  60–тина  стручни вработени лица, денес гледаме една ретковидена секојдневна слика : буквално претесни се канцелариите за  преку 250-те вработени  од кои  претходната власт  успеа  поради партиски интереси и изборни добивки да  “згрижи”  преку 200 нови лица за само  2  мандата! Денешната слика во општинската административна зграда е  неверојатна: секоја канцеларија  изгледа како “бегалски камп”  во кој  се сместени   и по петпати повеќе лица од потребните. Како функционира општината  во такви  изнудени услови?! Градоначалникот Бакрачески, секако дека внесе поинаква работна клима, ги потсети сите на своите дневни работни обврски, поведе и вреднување на трудот на вработените  од кои, патем имаше и отпорност и непослушност. Но, тоа инцидентно. Господине градоначалник, кои се Вашите инструменти за проверка и промена на односот кон работата на вработените во општинската администрација и  што очекувате да постигнете на тој начин?!  

Градоначалник: Точно е дека во повеќе наврати сум ја потенцирал големата превработеност во општинската администрација и нејзината нефункционалност и неефиксност кога го започнав мојот мандат. Она што до овој момент го презедовме се низа мерки и правила на однесување на сите вработени, за да може транспарентно и мериторно да се согледа учинокот на секој вработен. Верувам дека со новата систематизација ќе добиеме поажурна и поефикасна администрација, но останува проблемот со превработеноста да го решаваме во подолг период.

IntervjuGradonacalnikBakraceski03

WebOhrid: Вашиот тим –  рековте на почетокот од својата градоначалничка кампања, дека ќе го градите на  основа на вредности и способности. Уште рековте дека во Вашиот тим  ќе нема место за непрофесионалци! Колку денес  верувате дека е така и кои се резултатите од таквата  структура на тимот?!

Градоначалник: Останувам на тие ставови и цврсто сум убеден дека само тоа е исправниот начин за работа. За некои повидливи резултати можеби е рано да се зборува, но и она што досега е постигнато во функционирањето на општината и јавните препријатија, зборува дека се движиме во вистинската насока.

WebOhrid: Градоначалничкaта функција е комплексна  и сериозно одговорна  работа. Веројатно во таа насока и од тие потреби оформивте помошни советодавни и работни тела: Локален економски совет  (Градски Татковци), а  подоцна и Локален економски совет на млади. Која е  нивната улога и  како функционираат во пракса досега?

Градоначалник: Тоа се пред се советодавни тела, но нивната работа е значајна за градоначалникот и локалната власт. Локалниот економски совет е значаен, пред се од аспект да се чујат размислувањата на една група луѓе, неспорно успешни и докажани во своите професии, за развојот на Охрид,  а Локалниот совет на млади, за да се артикулираат потребите и желбите на младите граѓани на Охрид 

WebOhrid: Вие, господине Бакрачески, сте реткиот, ако не  и единствениот градоначалник  кој  во текот на  неделата  успева да ги звршува не само градоначалничките обврски за кои е поставен, туку и да извршува  професионални оперативни зафати од интервентната кардиохирургија и кардиологија,  она што всушност  е Ваша животна  професија  и љубов. По барање на  менаџерскиот тим од Заводот и по барање на  пациентите, Вие  успевате  да  интервенирате секогаш кога има таква  потреба.  Кажете ми, колку енергија  е потребно да се посветите на двете големи љубови: на кардиохирургијата  која  ви е професија и на градот кој го сакате поради  доброто на сограѓаните?!

Градоначалник: По природа сум човек кој пред себе поставува високи стандарди и има прецизни и издржани методи во достигнување на истите. Се разбира дека треба многу енергија, но како што сами кажавте кардиохирургијата е мојата животна определба за која секогаш ќе наоѓам време за да им помогнам на луѓето, а функцијата градоначалник ќе ја извршам со најголема посветеност за доброто на Охрид и моите сограѓани.

WebOhrid: Во насока  на нтересот  и подобрата иднина на  градот  често патувате  и надвор од Македонија:Њујорк, Виена, Париз, Будва, Дубровник и други релации. Која е целта и кои се ефектите  од тие посети и средби!?  Колку со тоа ја промовирате општината и  кои вредности се приоритет во  акцијата: „Инвестирај во Охрид“?

Градоначалник: Уште поголем е бројот на средбите кои во изминатиот период ги имав со бизнисмени и заинтересирани инвеститори во мојот кабинет, но во секој случај и патувањата надвор од земјава се во функција на привлекување на инвестиции. Ние како локална самоуправа фокусирани сме на привлекување на инвеститори во сите гранки, па затоа ја изготвивме брошурата “Инвестирај во Охрид“ за да можеме интегрално и сублимирано да ги прикажеме сите погодности кои ги нуди нашиот град за потенцијалните инвеститори. Верувам дека во наредниот период ќе имаме инвестициска активност (покрај веќе отворениот супермаркет на РАМСТОР, имаме силна заинтересираност на турски компании за нови инвестиции) која ќе донесе нови работни места и значително ќе ја подобри економската слика за Охрид.

IntervjuGradonacalnikBakraceski04

WebOhrid: Туризмот, секако  е приоритет при таа  промоција. Но, туризмот е поширок и покомплексен поим. Вие , често говорите и за развој на конгресниот, спортскиот, здравствениот и манастирскиот туризам. Руралниот туризам е уште една туристичка компонента и дестинација. Што има Охрид  од  сево ова и како може сето тоа да се ефектуира, да биде дел од туристичката понуда на тур-операторите  од Европа и светот?  Кои  се идеите и кој е акциониот план  за еден одамна посакуван туристички и економски бум?!

Градоначалник: Охрид поседува потенцијал за сите работи кои Вие ги наброивте. Она што ние го работиме како локална самоуправа е пред се, заедничка стратегија и настап на туристичкиот пазар. Во тоа ќе ги вклучиме сите релевантни научни и образовни институции, бизнис заедницата и се разбира граѓаните за конечно да изнајдеме долгорочно решение за туризмот и Охрид како дестинација да стане препознатлив во светот.

WebOhrid: Субрата Рој  – реалност, блиска иднина или  само желба. Кое е Вашето мислење и колку  проектот на индискиот бизнисмен и милионер ќе придонесе за  поголем  број  туристи и поголем туристички  и економски бенефит за општината? 

Градоначалник: Тоа е проект кој подолго време е присутен во јавноста во Македонија, за кој главниот збор го има Владата на РМ. Она што можам да го кажам е дека верувам, ако се тече според предвидените планови за реализација, ќе биде проект кој не само што ќе биде поволен за Охрид, туку бенефит ќе имаат сите граѓани на Македонија.

WebOhrid: Вашите опозиционери во градот и државава   не веруваат во успех на општината  без нивна власт?  Претседателот на СДСМ  ,Зоран Заев , кој неодамна присуствуваше во Охрид изјави дека  во првите следни избори Охрид повторно ќе биде  бастион  на СДСМ  и дека одново ќе раководат со Охрид и со Македонија. Која е Вашата порака до нив?!

Градоначалник: Јас ги знам моите планови за Охрид и неговиот развој и цврстата увереност дека она што го ветивме пред граѓаните ќе го реализираме. Со тоа, изјавата на г.Заев ќе биде уште едно празно ветување и политичка изјава без никаква тежина и оправданост.

WebOhrid: Господине Градоначалник, освен  жешките  општински теми, Ви претстои и една поубава: каков дочек на Нова Година  да им приредите на охриѓани  и на илјадниците  туристи кои ќе го посетат Охрид за  Новогодишните празници?! Ќе ја откриете ли овогодишната  агенда за  новогодишната  прослава во Охрид?!

Градоначалник: Можам само да кажам дека ќе има спектакуларен пречек на Новата година, во кој ќе уживаат охриѓани и гостите. Да оставиме она што е предвидено во програмата да биде пријатно изненадување за сите.

IntervjuGradonacalnikBakraceski02

WebOhrid: По новогодишните, за Охрид од особено важно значење е и празникот Богојавление –Водици.  Традицијата  низ годиниве е да се предава и прима кумството за Водици. Овојпат, Вие ја имате таа чест  да бидете кум за Водици. Кое чувство Ве исполнува со таа вистина дека токму Вие  ќе бидете главниот  посветениот и поклонетиот верник на Светиот Крст? Колку верата  и вербата во  божјото  слово  Вас ве хранат, Ве  јакнат  и Ви даваат сила  и енергија  да успевате во Вашите –  зацртани планови  и проекти ?! Која е предновогодишната  порака  на докторот Никола Бакрачески, која е новогодишната порака на градоначалникот Бакрачески?! Која е овојпат и пораката на Новиот Кум, д-р Никола Бакрачески,  до сите  охриѓани  и до сите други кои го посетуваат и го сакаат Охрид?

Градоначалник: Морам да истакнам дека интимно јас се сметам за голем верник, и кумството за Богојавление – Водици за мене претставува огромна чест и ме исполнува со искрена радост. Посакувам во наредната година, сите ние да бидеме посплотени, посреќни и со поголема верба  дека можеме Охрид да го направиме уште поубав и попривлечен за секој добронамерник.

WebOhrid: Господине Градоначалник, Ви благодарам што денес на Првиот Наш Роденден ни бевте гостин и драг соговорник на нашиот WebOhrid!