29/03/2024
Писма/Колумни

Мемед: Нема ниту трага ниту глас за повторно обновување на работата на локалниот совет на млади

Модерните и демократски држави и општини во светски рамки го прославуваат 12-ти август, меѓународен ден на младите, датум кога се слави младиот човек и неговите заложби за ефективно и ефикасно интегрирање во напредните општествени текови.

Се чини дека овие политики, не важат за градот Охрид. И покрај декларативните стремежи, со резигнација се прифаќа фактот што општината со години наназад заостанува во секој поглед од аспект на унапредувањето на квалитетот на животот на младите сограѓани, кои ни на овој ден не беа сведоци на координирани акции, преку кои ќе се слушне нивниот глас.

И овој 12-ти август минува тивко, топло, незабележително и безгласно, исто како и нашата помиреност. Нема ниту трага ниту глас за повторно обновување на работата на локалниот совет на млади, кој згасна исто онака како што и настана, стихијно и безлично. Долго најавуваниот младински културен центар и понатаму останува само неостварена желба на малкумината останати младински работници. Но и нивната енергија спласнува полека но сигурно под напливот на неквалификувани кадри и поместени етнички, морални и општествени вредности. Тие работници не можат во целост да се посветат на имплементацијата на квалитетни и продуктивни младински стандарди, поради непостоење соодветни механизам и креативен простор за нивна работа, каков што би била исто така долго очекуваната канцеларија за млади.

Младите и младинските организации не можат да егзистираат без помош од општината, која, за волја на вистината, во изминатите триесет години не создаде ниту посебен буџет за млади. Оттаму, воопшто не зачудува фактот што фрапантни 84% од учениците и студентите во завршните години од средното и високото образование, својата иднина ја гледаат надвор од градот и од државата, каде ќе бидат почитувани согласно нивната вредност и достигнувања, а не според бројот на обезбедени гласачи за изборни циклуси.

Драги сограѓани и политички чинители, упатувам апел до сите вас заеднички да не дозволиме Охрид да остари. Напротив, да си подадеме рака, да го оформиме што побрзо локалниот совет на млади, да создадеме поволна инфраструктура во најкраток можен рок, со цел градот да го воздигнеме на ниво на европска и светска младинска престолнина.

Вахид Мемед, младински работник и претседател на Здружението за мултикултурна интеграција „Инклузија“ – Охрид.

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.