25/04/2024
МакедонијаСтруга

Мерко: Минатата Локална нема ставено ни една шајка во Општината

По пауза од 4 и пол години, на Локалните избори во Октомври 2017, Рамиз Мерко го доби и третиот мандат за Градоначалник на општина Струга.

За тоа како ја затекна Општината по неговото враќање, градоначалникот Мерко во изјава за WebOhrid вели дека освен неговите проекти кои ги довршила минатата Локална самоуправа, ништо друго не е направено.

„Во 8 години менаџирање со Општина Струга од 2005 до 2013 мислам дека се направија доста добри работи во сите области, но секогаш нешто недостасува, секогаш има потреба за повеќе и секогаш ќе има потреба за нови инвестиции и нови работи, нови вложувања, нови потреби, без разлика до кое ниво се стигнати сите услови. Што се однесува на мандатот кога имаше друг градоначалник, тврдам многу одговорно дека можеби ништо не е направено од тоа што Општината во осум години напредуваше. Тоа можам да го кажам и за Општинската зграда која не е ни варосана за 4 и пол години, како што велат старите „не е ставена ни една шајка“ повеќе. Се е амортизирано, вие самите сте сведоци тука, а да не кажам дека и во проекти, верувајте дека од буџетот на Општина Струга скоро нема ниеден, освен кружниот тек кој беше исто така мој проект, односно и проектот за поплочување на двете страни на реката Дрим, шеталиштето и западната страна, и тие беа мои проекти, со тоа што ги оставивме најпрво да се направи подземниот паркинг, да се направи шеталиштето. Но, без разлика на тоа, други проекти од Општина Струга скоро нема, а имаше 4 проекти од ДУИ како Централна власт кои ние ги започнавме како проекти, а се изградија во време на минатата гарнитура.“ – изјави градоначалникот Мерко.

Приоритет на новата Локална самоуправа во Струга е доброто менаџирање со Јавните претпријатија и со Општинската администрација. Како што рече струшкиот градоначалник, во моментов Општината работи на повеќе активности, меѓу кои подмирување на долговите на училиштата кон ЕВН, санирање на депонијата, се подготвуваат планови, програми и буџет за 2018, а во тек е и тендерот за украсување на градот Струга.

„Ние веќе презедовме повеќе тековни работи, имаше големи врнежи пред десетина дена, па сите бевме одлучни, формиравме кризен штаб, повикавме фирми со механизација, ги отворивме каналите, саниравме за да не дојде до некои поплави. Исто така, работиме на средување во Јавните претпријатија „Комунално“ и „Проаква“ за да имаме подобро менаџирање со тие претпријатија, но и во Општинската администрација, а се разбира ни претстојат и работи како што е украсувањето и дочекот на Новата година, градот треба да се закити, и тоа е обврска.“ – рече Мерко.

Градоначалникот Мерко најави дека Општина Струга ќе работи на подобрување на животниот стандард на граѓаните.

„Нас ни претстојат нови работи, нови барања од граѓаните, нови потреби за инфраструктура, во патната мрежа, водовод и канализација, улично осветлување и.т.н. сето тоа е потреба на времето, а знаете и дека има и многу други потреби, требаат подобри услови во училиштата, во туризмот каде треба да инвестираме, требаат нови работни места за граѓаните, требаат многу други работи во културата и.т.н. се со цел за подобар живот на граѓаните на кои и тоа како сме им должни. Се враќам како Градоначалник со надеж дека овие работи сигурно ќе ги исполниме. Затоа постои Општина Струга, затоа постојат Јавните претпријатија во општината, затоа постои Централната власт, да се створат подобри услови за подобар живот на граѓаните. – истакна струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

WebOhrid