19/04/2024
МакедонијаСтруга

Мицкоски: Да избереме човек кој никогаш не ја разочарал земјата, кој ќе биде безкомпромисен заштитник на граѓаните

Интегрален текст од обраќање Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани членови на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ,

Почитувани кандидати за претседател на Република Македонија,

Почитувани делегати, драги гости, браќа и сестри аирлија да ни е денот да го избереме идниот претседател на Република Македонија,

Македонија се наоѓа на крстосница, а секогаш ваквите мигови бараат сериозни одлуки од кој зависи иднината на нашата татковина, зависи заедничката судбина на многумина чии животи денес поминуваат во неизвесност, во мачно трагање кон подобар живот, со секојдневна главоболка да се обезбеди сигурност и основна егзистенција за своето семејство. Секојдневието се претвора во борба со животот, решавање на напластени проблеми и неретко секој еден граѓанин го обзема чувството дека води борба со ветерници, дека иако го дава најдоброто од себе, иако прави се за да победи во животот, тој постојано губи, а доживува удари не затоа што е неуспешен или недоволно квалитетен, туку затоа што општеството е труло, затоа што вредносниот систем е разоран и се чини дека се е против него. Тој поединец не е неупешен човек, туку тој ја има судбината да живее во неуспешна и заробена држава.

И моето време денес нема да го потрошам на лекции за тоа што е пропуштено и како требало да биде, и зошто нешто не било, затоа што секој еден од вас длабоко во себе и секој еден час го живее ова црно време на колективно страдање, сиромаштија, притисок и политички прогон. Отсуство на принципи, закони и вредности, на незаштитеност. Знам дека ви е преку глава од лекции, безпоговрни правдања и потрага по алиби, на  секојдневни префрлања на вина, без превземање на одговорност, на констатации без решенија, на зборови без дела.  Убеден сум дека секој еден од вас многу повеќе сака да слушне како и што понатаму.  На Македонија и е потребна надеж, светлина, демонстрација на тоа дека може поинаку, и дека не е се загубено. Го земам бајракот, бајракот со сите еден од вас, подеднакво како и вас, до вас и со вас, и ви велам, ќе победиме. Ве гледам во очи исправен овде пред вас и ви велам , ќе победи честита Македонија ќе победи ВМРО-ДПМНЕ! Ќе ги донесеме промените кои се потребни, а Македонија ќе ја сочуваме. Ќе донесеме подобро утре, со план и со стратегија, со срце и со длабок разум, за нашата земја!

Македонија нема повеќе време за губење, и нема повеќе причини за залудно трошење на уште животи за да чекаме да дојде подобро. Тоа мора да биде сега и веднаш. И имаме огромна причина за сето ова, имаме огромен мотив за нашата борба. Нејзиното име го изговараме со огромна почит со огромна емоција која доаѓа од нашето срце и која допира и до нашите корени, нашите дедовци и прадедовци,  она што сме,  збор кој и во 21-от век ни создава немири. Но ние ќе опстоиме за неа ќе опстоиме за Македонија! За Македонија! За честита Македонија!

Доктор Христо Татарчев ќе напише “Македонија била и си останува култ на македонскиот народ, на неговата религија, род, јазик, на реликвиите на нејзините дедовци и прадедовци”. И ова драги пријатели не се брише. И нејзиното водење напред не е само чест, не е само одговорност која ние ја прифаќаме, туку и наша  обврска, пренесен аманет и завет. Затоа сме денес овде во Струга собрани. Да ја почнеме финалната битка за нејзина одбрана.

Во овој период често бев прашуван каков треба да биде кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. И дозволете да се осврнам на ова прашање. Република Македонија мора да се исправи. Да покаже достоинство и гордост. Да покаже кичма во времињата кога таа ја виткаат, да внесе стабилност во времињата кога имаме несигурност. ВМРО-ДПМНЕ треба да избере човек кој ќе биде претседател на сите граѓани, и кој ќе води бестрашно, непоколебливо и кој ќе работи за Македонија. Потребно е и искуство, животно и професионално, кој ќе биде гаранција за квалитетот во носењето на одлуки. Човек кој ќе се обврзе да го почитува уставот и законите во време кога Уставот е нападнат кој ќе ги почитува традициите од кои произлегуваме, комитите илинденците партизаните-асномците, и оние кои се изборија и го исклесаа референдумот на 8 септември, и сето тоа ни треба денес во време кога се газат целите и каузата за која тие живеа и се залагаа. Ни треба личност која ќе ја почитува волјата на народот во време кога гласот на народот е игнориран и запоставуван како што тоа беше со последниот Референдум на 30 септември минатата година. Избираме личност која ќе даде динамика и импулс на процесите кон Европската Унија кон која се стремиме, и која ја гледам пред се како систем на стандарди кои мора да се постигнат за да нашиот народ живее подобро. Претседател на сите, кој ќе допре до сите, и секогаш кога било кој од граѓаните ќе се чувствува ранливо и обесправено, несигурно, ќе рече јас имам свој претседател на Република Македонија.  Да избереме личност која никогаш порано не ја разочарала својата земја, и која е честит, праведен, која ќе обединува и која ќе води во овие тешки моменти. Кој ќе биде компромисен во политиката, но и без компромисен заштитник кога се во прашање принципите, вредностите и интересите на сите граѓани. И сето ова за да ја вратиме правната држава, да се избориме за честита Македонија.

Секој од делегатите од вас во оваа сала денес одлучува и одредува за она што ќе го понудиме на граѓаните. А јас знам дека ќе ја донесете најдобрата одлука и најголемата причина за вашата одлука нека не биде само иднината на партијата, туку иднината на државата Република Македонија. Бидејќи успешна Македонија е нашата најголема цел.

Драги пријатели,

Овие избори ќе бидат жолтиот картон за Зоран Заев и СДСМ, пред да се даде црвениот. И ова не е финалната битка, но исходот од нив ќе значи многу за крајниот резултат на сето ова. И СДСМ и Зоран Заев затоа избега од парламентарните избори, тие имаат истите анкети како и ние, на кои губат, убедливо и вртоглаво губат, затоа што се повеќе го чувствуваат силниот револт на граѓаните кој не е само поради промената на името и идентитетот, туку и поради се потешкиот живот и неправдите. Избегаа од избори за да си купат некој месец повеќе, иако лажно се удираа во гради и храбреа. Ја знаат вистината дека народот ќе ги поразеше на парламентарни, а и ние на такви едни избори ќе имавме механизми преку техничката влада за да спротивставиме на сите нерегуларности кои ни се случуваа на минатите изборни соочувања но и на референдумот. И Власта знае дека на фер и демократски избори нема да победат, ниту сега, ниту било кога потоа. Сега имаме само претседателски избори и ние на овие избори настапуваме одлучно и самоуверено, но со голема претпазливост за нивната регуларност и амбиентот во кој се одржуваат. И во такви едни услови нам најголемиот проблем нема да ни биде поддршката на власта од народот, бидејќи таква поддршка од народот не постои, тие се одржуваат на стаклени нозе, туку борбата и настојувањето изборите да бидат фер и демократски. А дека власта има интерес да не бидат такви, имаме сериозни аргументи.  Дури и по 5 месеци нема никаква правна разрешница за оние масовни гласања за време на Референдумот за помалку од 0.4 секунди. Нема никаква правна разрешница ниту за онаа излезност од повеќе од 95 проценти на изборни места каде што изборите наназат таа излезност таа не изнесуваше ни 50 проценти. Нема никаква правна разрешница за масовното и бруталното полнење на кутии. Имаме масовни предизборни вработувања кои имаат намера да купат каков таков внатрешен мир во СДСМ и деспотот Заев сака да ги корумпира тие гласови. Имаме продолжување на политичкиот притисок на политизираното судство, и продолжување на работа и истраги на ненадлежното Специјално Јавно Обвинителство. Значи имаме Мира Дизел вработувања, Кацарска судство, Русковска обвинителство и ненадлежно и тотално избламирано СЈО со кој се руши правната држава.

Затоа свесноста за сето ова кај нас е голема. Нема да дојде до украдени избори, ниту пак да биде украдена волјата на народот. Секоја недемократска акција на власта, кај нас ќе предизвика соодветна реакција. Фер избори мора да бидат клучен услов за вклучување на меѓународниот фактор во набљудувањето на овој процес. Тука мора свој придонес да дадат и медиумите, колку и тие да работат во недемократски амбиент на дневна основа притиснати од власта од властодршците со притисоци уцени и закани. Секој еден граѓанин загрижен за својата иднина и иднината на својата земја, треба да излезе и гласа. Дан излезе да гласа за кандидатот подржан од ВМРО-ДПМНЕ на овие претседателски избори. Масовно и да испратиме порака дека Македонија е наша, на сите граѓани и дека мора заедно со Македонија да одиме напред. Сега е времето кога треба да се биде гласен, за да потоа никој од нас нема дилеми.

Власта која е со изгубена поддршка од народот пристапува кон стратегија за поттикнување и храбрење на бојкот на  изборите како и на поделба на десното гласачко тело.  Плодната почва за тоа ја наоѓа во спонзорираните поединци кои се на услуга на власта, а кои треба да делуваат како истурена постава за разјадување на десното ткиво. Свесен сум  дека има и поединци кои разочарани од вкупниот амбиент и катастрофалната и неуспешна политика на владата автентично повикуваат на бојкот на изборите, но треба да знаат дека тие, како и оние платени подбуцнувачи и слуги на Зоран Заев и СДСМ  кои повикуваат на бојкот, го деморализираат или шират дефетизам во рамките на десното гласачки ткиво дека тоа оди единствено на контото на власта на Заев, свесно или несвесно стануваат ништо повеќе од слуги на Зоран Заев и СДСМ и одработуваат во функција на задржување на оваа недемократска и неспособна влада. И треба да остане запишано дека ова не е иста ситуација како онаа со референдумот за договорот од Нивици кога се случи апстиненција, туку ова е време кога треба да се крене гласот за работите, и да се гласа избор на претседател кој ќе ја потврди и заштити волјата на граѓаните во Република Македонија. И нема подобро решение за државата од тоа да победи човек од опозицијата кој ќе биде гласот и разумот на стотици илјади граѓани од оваа земја, стабилизирајќи ја нашата татковина, да има можност да дејствува и ги менува работите. Што се однесува до оние хушкачи во десниот блок кој се слуги на власта, за чие сценарио напишано од Бихачка ќе зборам во некоја друга прилика, ќе им порачам  сега од Струга, нема да успеете и нема да го излажете народот, народот заедно сите на купче вас слугите и Зоран Заев ќе ве порази најпрвин на 21 април а потоа и на 5 мај.

Имаме многу работа пред нас. Ќе понудиме решенија, ќе понудиме нестрашлива енергија и план кој ќе мора да ја избави нашата земја од кризата во која сме втурнати и која е клекната на колена. Власта е во паника. Нема резултати и секојдневно или лажат или смислуваат вештачки теми за одвлекување на вниманието на народот, на јавноста. Веќе договорот со Грција не е главна тема, народот веќе не потклекнува и на оние обиди за заплашувања или рушења на духот, затоа што се повеќе луѓе не се плашат. Тие не се плашат и секојдневно им пркосат. Граѓанската платформа за борба против сиромаштијата објави дека  500 илјади наши сограѓани живеат во сиромаштија, рангирањата покажуваат дека корупцијата во Македонија е полоша и поголема од онаа во Руанда и Свазиленд. За само една година оваа криминална  Владата со своето расипништво го зголеми долгот нa над 5.2 милијарди евра. Сега повеќе не дебатираме за зголемување на пензии, сега дебатираме дали ги намалуваат или останале исти.  Не дебатираме дали имаме намалени даноци туку за колку ги зголемија даноците. За колку ги оптоварија земјоделците, оние со авторски договори. Не зборуваме колку нови инвестиции донесоа бидејќи такви инвестиции нема, а како може да има луѓето кои се најзадолжени  и најповикани да донесат инвестиции нивните имиња не знаеме кои се поминаа веќе 2 години. Нема ветување кое го остварија, но затоа сега почнува еден нов циклус на манипулирање и рециклирање на веќе неостварените ветувања. Играат на картата на кратко паметење на народот . Кога не го возат фамилијарниот Мајбах или Бентлито паркирано во Женева тогаш железните опинци на Заев може и ќе ги видиме, но не и 500-те евра просечна плата кои ги ветуваа. Во здравството поради пуста неспособност умираат луѓе. Вакцини со поминат рок, пропуштени протоколи, заразени деца, смртни случаи на дневна основа. Што друго треба да се случи за да овие луѓе конечно се соочат со одговрноста. Во делата не можеме ништо да препознаеме освен нечеститот лага и корупција. Правната држава речиси и да нема. Создадоа вистинско чудовиште, Левитијан кој ја проголтува среќата и правдата. Имаме неправда и несигурност. ЕЛЕМ и Мепсо наместо енергетски гиганти станаа приватни партиски подржуници за партиско вдомување. А ако се пожалите за конфликтот на интереси во државните институции на пример во антикорупциската комисија таму ќе ве пречека баџанакот на Талат Џафери и тој треба да одлучува.  Па не се боревме нити ние нити претходните генерации за ваква држава. Имаме поделено општество. Тие го создадоа тоа. Не делат на оние кои се против договорот и оние кои не се. Велат они биле европските политичари, а другите антизападни, не поделија по најситни основи, на табори за и против за договорот од Преспа од Нивици, не поделија на табори за и против за директор на средно училиште во Скопје, на вакви и такви и на што уште ли не.  Е Вака не оди, вака не бива. И ако продолжи оваа агонија во Македонија нема да не биде. Затоа ве повикувам сите заедно сложно на 21 април да му кажеме доста е на Зоран Заев и да ги поразиме жестоко а тоа да го потврдиме на 5 мај. Тоа е почетокот на крајот на Зоран Заев и почетокот на нова етапа на историјата на Македонија.

Алтернативата пак која во овој момент ја нудат за кандидат за претседател всушност и не е алтернатива. Најсериозен кандидат им е човекот кој е пишувачот на колективната неправда содржана во оној срамен договор. Човекот кој доживеа дипломатски дебакл и прифати се што значи грчка позиција, кој не го сочува Уставот, достоинството идентитетот, а сега ќе ја сочувал државата. Човекот кој што се срамеше од сопствената нација и тоа не го криеше напротив гордо го кажа во парламенатарната  говорница. Другиот е пак оној џелат на неправдата кој полицијата ја користи како своја приватна подружница. Кој нема ниту еден нерасветлен посериозен криминал. И третиот посериозен кандидат е оној кој веќе еднаш загуби на претседателски избори и кој знаеме во минатото какви ставови имал но и какви навреди  изговараше кон народот кој требаше да го бира.

Драги пријатели, почитувани сограѓани,

На Македонија е потребен протестен глас кој ќе даде жолт картон на власта пред исклучување и тоа треба да се случи на овие избори. Не ви велам да ни дадете безусловна поддршка. Но секој од вас има обврска да влијае со својот глас и се спротивстави на пропаста продуцирана од актуелната влада. Затоа поважно од било кога порано е да се обединиме. Нашите разлики се премали во споредба на голема цел Македонија. Изборните денови ќе дојдат и ќе си одат. Но борбата на луѓето за креирање на одговорно владеење кое ќе ги преставува интересите на народот, а не интересите на поединците е суштината на нашето делување. Да се избориме за владеење базирано на принципи, економски и технолошки напредок, иновации, социјални реформи. Затоа потребен ни е секој човек, обединети и сложни. Борбата ќе трае и само обединети во еден опозициски народен фронт за честита Македонија ве уверувам ќе успееме. И сум сигурен во тоа. Зората доаѓа и ќе ја огрее Македонија. А денес овде во Струга ќе ја запалиме таа искра на тој оган, на тој пламен, на тој непокор. И ќе го посетиме секој град и село, малата и населбите, ќе влеземе во домовите на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците, ќе го развиориме бајракот на заедничката борба на заедничката победа. Некои политичари мислат само на наредните избори, ВМРО-ДПМНЕ мисли и работи за наредните генерации. Ние сме таа генерација која има обврска да ја обезбеди иднината. Ова е битка на нашата генерација, на новата генерација за нашата Македонија.

Затоа ајде силно, стаменито, гордо, ВМРО станува на нозе, со име, образ и чест. Даваме збор, подаваме рака кон сите на кои нашата земја и иднината на своите блиски им е најважна од се. Нашите срца, нашата сила, нашата емоција е Македонија, силна и честита Македонија. Нашата победа ќе биде триумф на Македонија.

Да живее самостојна суверена Република Македонија

Да живее ВМРО ДПМНЕ

Да сте здрави и живи