Мицкоски: СДСМ три години имаше можност да направи нешто, но тие докажаа дека единствено можат да ја подвиткаат кичмата

Денес претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го посети Вевчани, при што оствари средба со мештаните и посочи дека на 15-ти јули ќе се стави крај на вирусот Зоран Заев, а потоа ќе започне обновата на Република Македонија. Време е Република Македонија да започне да се движи по вистинскиот правец, а тоа ќе биде заедно со ВМРО-ДПМНЕ.

„На 15-ти јули е нашата шанса  да го сонуваме сонот кој што сакаме да го сонуваме, но најпрвин треба нив да ги победиме. Најпрвин треба оваа пандемија да ја победиме. И затоа секогаш зборуваме отворено и искрено, отворено и искрено и за нашите слабости. Затоа што човекот е голем онолку колку што може да ги признае и сопствените слабости. Јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ од најголемата и најорганизираната политичка партија во нашата држава научив да живеам со слабостите на луѓето. Но луѓето не треба да научат да живеат со слабостите на властодршците. Затоа што народот е тој кој што дава и тој кој што зема. На 15-ти јули јас сум убеден во мудроста на Вевчани и убеден сум во мудроста и храброста на граѓаните на нашата Македонија дека ќе излезат масовно и масовно ќе ја поразиме оваа пандемија која што ја донесе ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев, а потоа ќе ги засукаме ракавите и ќе си ја обновиме државата“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски ги повика граѓаните на Вевчани масовно на 15-ти јули да излезат и да гласаат за  ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“. Да гласаат за обнова на Република Македонија.

„Разговаравме со многу луѓе и пред кампањата и сега ќе поминеме за време на кампањата многу градови и многу села и ќе разговараме со многу сограѓани. Истото она што го слушав и пред една година, пред две години, и пред три години истото го слушаме и денес. Тешко се живее, мачно се живее. Од друга страна пак се попусти ни се селата, се попусти ни се градовите, луѓето се иселуваат , младите ги напуштаат домовите, а повозрасните тажат за луѓето кои што ги напуштаат огништата. А, тие пак кои што се останати критикуваат за тешкиот и мачен живот, за беспарицата, за лошата живејачка и лошиот стандард, бесперспективноста и немањето визија од страна на овие властодршци“, истакна Мицкоски.

Мицкоски додаде дека во Македонија поради СДСМ криминалот и корупцијата за жал станаа секојдневие. Сето тоа ги тишти нашите граѓани.

„Три години имаа можност да направат нешто, и три години имаа можност да докажат дека можат. Они докажаа само една работа, докажаа дека можат да го загубат достоинството, и докажаа дека можат да ја загубат честа и честитоста и да ја подвиткат кичмата на Македонецот“, рече Мицкоски.

Мицкоски запраша каде е ветениот чист воздух на СДСМ, а денес сме први по загаденоста на воздухот. Дали се справија со пандемијата? За жал секој ден гледаме троцифрени броеви на новозаразени граѓани. За жал рекордери сме во Европа по бројот на луѓе кои што се инфицирани од Ковид-19, рекордери сме по починати од истиот вирус. Оваа власт не знаеше да ги заштити нашите граѓани од корона вирусот.

„15-ти јули е денот кога јас заедно со вас ќе излеземе и ќе кажеме ја победивме пандемијата наречена ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев. А, потоа заедно со вас ќе ги засукаме ракавите и деноноќно ќе работиме. Можам да ви ветам работа деноноќна и да си ја обновиме државата, вистински да си ја обновиме. Да ја вратиме честа, достоинство, почитта, честитоста. Да ги кренеме гордо главите високо и да кажеме да ние сме горди Македонци, ние сме тие кои што се изборија за сопствената држава и го поразија ова раководство на СДСМ и Зоран Заев кое што три години ја контаминираа нашата држава“, истакна Мицкоски.

За крај Мицкоски порача дека на 15-ти јули образот на Македонецот ќе биде побел, ВМРО-ДПМНЕ Македонија нема да ја засрами, на 15-ти јули ќе победи Република Македонија.