28/03/2024
Македонија

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди решенија коишто ќе решаваат реални, егзестенцијални проблеми на нашите жители

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на митинг се обрати пред граѓаните во Свети Николе.

-Kако викаше Зоран Заев ќе не прекршел на избори, се сеќавате, и затоа не сакал да ни даде избори за да не не болело многу, но вака кога гледам ширум Македонија посебно овдека во Свети Николе, мислам дека некој друг ќе биде прекршен на 21 Април. Сигурно тоа нема да биде ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.

Тој од Свети Николе истакна дека добрата вест стасала и до Свети Николе и дека иден претседател на Република Македонија ќе биде проф. Гордана Сиљановска Давкова. Имено тој кажа дека преостанува уште една недела да докажат дека Македонија останува честита, достоинствена и принципиелна и сите оние политички говорачи на невистини ќе се  испратат на една незаслужена политичка пензија.

– На денешниот митинг на СДСМ, Зоран Заев упати две прашања кон мене, па од ова прекрасно Свети Николе  ја користам оваа прилика да му одговорам на Заев. Првата беше дека откако ги направи оние капитулантски, манипулантски договори поврзани со Преспнскиот Договор, па излезе со ставот дека идентитетот бил бетон. Денеска гледам го поднаучил брат му малку околу  градежништвото  нели парцели му даваше во Струмица, додека беше градоначалник да згради згради, па му додаде на бетонот и малку арматура. Но, ќе го потсетам како неговиот бетон сега со малку арматура пред некое време на местото коешто треба да ја симболизира идентитетската целина во Македонија, тоа е Владата на Република Македонија се урна како стиропор, како кула од карти. Се сеќавате кога Заев е неговиот нов пријател се срамеа  да ја постројат македонската гарда, се срамеа да слушаат дека „ Денес над Македонија се раѓа“ и дека „Македонците  се борат за своите правдини“, потенцираше  претседателот Мицкоски.

Мицкоски при посетата во Свети Николе потсети и на дебатата кога го прашал Заев каков е јазикот којшто го говорат жителите на Северна Грција, а е различен од грчкиот . Заев  почнал да се поти, да се врти и се охрабри па му одговори тоа е внатрешно прашање на Грција и дека Мицкоски сакал да го  скара со  јужниот сосед.

-Се срами да каже дека тоа се наши сограѓани, тие луѓе зборуваат на македонски јазик,пеат македонски песни и играат македонски ора, посочи Мицкоски.

Тој посочи дека нема да биде од оние политичари кои се колнеа во жицата, во најмилото, во дедовината, во татковината дека нема да го сменат името, дека нема да го смената идентитетот, а прва прилика и единствена прилика што направија овие две години е само тоа, го променија името и идентитетот.

-Ние не блескаме, ние сме срам за Европа. Луѓето се подбиваат со нас. Ние сме единствената нација којашто се самооткажала од принципот на  самопределување. Втора нација не постои. И што беше мотивот. Мотивот беше да дојде да биде премиер, да се спаси од затвор за криминал и за пусти пари. Излезете еднаш пред овие граѓани и чесно кажете им дека за пусти пари се работи, каква Европа,  кажа Мицкоски.

Тој  пред граѓаните од Свети Николе вети дека штом ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт,ќе работи макотрпно, деноќно, ќе работи да понуди решенија коишто навистина ќе решаваат реални, егзестенцијални проблеми на нашите жители.

-ВМРО-ДПМНЕ е народна партија и нема да мрднеме ни милиметар од народот и затоа со народот ќе ја градиме иднината . Ние нема да ветуваме нешто што нема да го исполниме, но дозовлете ни пријатно да ве изненадиме, да одработиме повеќе од тоа што ќе го ветиме. Ве молам дајте ни шанса дека сето ова јас што го зборувам и тоа што го говореше идната претседателка проф. Гордана Сиљановска Давкова ќе биде реалност во Македонија, истакна тој.

– Ајде заедно да го поддржиме најинспиративниот професор на  Правниот факултет, жената којашто несебично го споделува своето знаење со студентите. Ајде заедно да го поддржиме борецот за правото и правдина. Таа секогаш беше во првата линија на одбрана на националните и државните интереси , во 2004  така беше и сега во 2018 кога некој тргуваше и се коцкаше со државните и националните интереси.  Тука беше професоркта Гордана Силјановска  Давкова да се бори за заштита на тие интереси, додаде Мицкоски.