19/04/2024
Македонија

Мицкоски: „ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Устав, а со цел промена на уставното име- Од ова појасен став нема!“

Ова е историски период за сите нас и една раскрсница во која се наоѓаме во нашето битисување, во нашата историја. Се решава проблемот со името. Многумина го очекуваат нашиот став за овој проблем и јас овде пред вас немам друга опција, ќе бидам искрен и отворен. Затоа што освен што знам дека таа тема е меѓу првите две од интерес на нашите сограѓани заедно со економијата и подобриот живот, единствените информации се тие што ги дознаваме од јавноста и медиумите, а гледаме дека грчките медиуми се непресушен извор на информирање, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на масовниот протест пред Владата на РМ.

„Ќе ви кажам нешто- влегов во политиката затоа што ми е важна Македонија, иднината на моите граѓани и нашите деца. И за мене достоинството и честа градена со години нема цена, а нема цена затоа што чистиот образ е огледалото по која треба да се препознае една личност. И како човек ми паѓа многу тешко кога гледам овие денови како некој друг кој е власт во оваа наша убава земја си игра со достоинството на сите и ја распродава честа како на пазар, она што е на сите и што ни припаѓа на сите, го продава многу евтино, иако тоа е бесценето. Си игра со трпението и интелигенцијата на 2 милиони луѓе. Излегуваше Зоран Заев и кажуваше дека нема да има промена на Уставот, дека ќе го заштителе идентитетот, дека имал некоја жица од гитарата Македонија се викала. Како поминува времето гледам дека не само што ќе ја искине жицата, туку и гитарата сака да ја испогани и искрши на парчиња. Сега вели промената на Уставот не била промена на идентитетот. Ако не беше тоа зошто ја убедуваше јавноста дека нема да дозволи промена на уставот. Уставот ја дефинира нашата земја, нашата држава нејзиното уредување. Тоа е изводот од матичната книга на родените. Сега кога договара промена, сите ќе не ословуваат по тоа ново име. Ако Зоран Заев се напише во изводот дека се вика еве на пример неговиот омилен збор, ЕВРО, сите така ќе го викаме Евро Заев. Ќе направи непоправлива штета,“ рече Мицкоски и додаде:

„Сакам во оваа прилика да повторам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Устав, а со цел промена на уставното име. Од ова појасен став нема! Историјата ќе суди кој бил во право, а името на нашата партија било и ќе биде Внатрешна Македонска Револуционерна Организација – Демократска Партија За Македонско Национални Единство. Ќе не заплашуваат, гонат и притискаат, ќе ни се закануваат и армадилата неверници ќе не критикуваат, мене и оваа генерација политичари во партијата, мои соработници и другари, но ќе им порачам нешто од овде, ако некој смета дека ќе се уплашиме, се лаже. Слушајте ме сега добро мои политички конкуренти од СДСМ. Не ви се плашиме! ВМРО- ДПМНЕ не се плаши кога Македонија е во прашање и иднината на нашата земја, нема страв и нема предавање! Затоа што ние одиме по патот на вистината, по патот на татковината, а кога си на таа страна тогаш си победник!“.

Знам дека совршено добро знаете што се случува, рече тој, знам дека на моменти и имате дилеми кој е вистинскиот пат, верувајте секој ден во сите средби со вас ги слушам вашите размислувања и јас сум многу загрижен исто како и вие.

„Јас сум 5 ипол месеци претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Некои ќе речат прекратко, некои ќе речат доволно за да се почне со акција. Некои имаат повеќе, а некои помалку доверба. Некои мислејќи дека така ќе фрлаат дамка на мене, велат сум нечија сенка, некои велат се оградувам од старото раководство. Некои веруваат во нешто сосема трето, дека ме донел некој да направам нешто и да си заминам. Некој пак си верува во некоја своја сосема различна теорија. Но јас, за почеток, додека не ме запознаете подобро, не барам целосно да ми верувате мене. Барам да си верувате на себе. Вие сте народот на Македонија. И вие со вашата мудрост знаете најдобро да оцените. Сакам да ви кажам директно, не постојат волшебни решенија, и магични стапчиња со кои ќе се остварат набрзина нашите замисли. Не постојат. Но на крај ќе победиме ви ветувам.

Мицкоски потенцираше дека се работи посветено на Новата програма за граѓаните.

„И тоа ќе биде нашиот патоказ и нешто по што сите вие ќе може да ја направите разликата. Нешто со што верувам дека ќе се гордеете. И да споредите што носи во себе оваа нова генерација на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе споменам само дел од она на што работиме: ќе го намалиме данокот на добивка за фирмите на половина, за оние кои втората половина ќе ја искористат за инвестиција и нови работни места. Даноците ќе паѓаат, ќе ја укинеме зголемената акциза за дизел горивата, нов лик на здравството преку масовен пакет на реконструкции, изградба на нови болници и масовно вложување во медицинскиот кадар, директна понуда за вработување на најдобрите 500 студенти секоја учебна година, ќе се обврземе за 50 отсто поголеми плати за образовниот кадар за целиот мандат, за 40 отсто поголеми пензии за целиот мандат и уште многу други решенија за реалните ваши проблеми….

Најави и дека за многу кратко време ќе биде претставена новата програма.

„Јас Христијан Мицкоски седам овде пред вас со име и чест и ви велам, ќе победиме. Ќе победимееее! Ќе победиме заеднички сложно, обединето, народот ќе триумфира над неправдата и понижувањата кои имаат свое име и презиме, Зоран Заев. 2 јуни е почетокот на крајот на ова неславно владеење. Стани горда Македонијо. Ти, пркосна, достоинствена, стаменита наша татковино! Доаѓаат времиња на предизвици, но во тие искушенија нашиот народ бил највелик, затоа што знаел на своите плеќи да ги носи сите порази, но и победи. И секогаш се исправал, дури и тогаш кога сите го отпишувале и се откажувале од него. Пренесете ја пораката по градовите и селата дека Македонија се буди. Македонија се разбуди денес, Македонија е на нозе. Заедно сум со вас, се до конечната победа, затоа што верувам со целото мое срце дека Македонија ќе успее.