28/03/2024
Македонија

Мицкоски: Заев на Република Македонија и донесе таканаречен договор за капитулација

 Интегрален текст од прес конференција на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Се колне во неговите предци, во неговиот татко, дедо и во неговите деца, нека суди македонската јавност со каков човек имаме работа.

Ова беше она што го ветуваше Зоран Заев, но на Македонија и донесе таканаречен договор за капитулација.

Ова значи дека секој еден збор на Зоран Заев не вреди, дека секој еден став, негова изјава не вреди ништо и дека лагата, измамата и манипулацијата е неговото примарно делување.

Во само неколку месеци, тој направи драстично менување на ставовите, но таа негова смена и прави непоправлива штета и неповратна штета на нашата татковина Република Македонија.

Овој пат влогот не се компаниите од Струмица, или некој фамилијарен бизнис, или пак државни тендери кој по правило ќе завршат кај некој од власта, овој пат цената на неговото капитулантско дело ќе ја плаќаат граѓаните на Република Македонија, и ќе ја плаќаат со нивното достоинство и чест.

Ова е апсoлутен пораз на македонската дипломатија во секој поглед, и никако не може да се прикаже како победа, воедно ова е изневерување на очекувањата на граѓаните.

Имаме министер за надворешни работи, името му е Никола Димитров, кој е учесник во оваа капитулација, и кој најави дека ако тоа помогне ќе си поднесе оставка. Еве го тој момент господине Димитров. Првиот почетен чекор е Вие да си дадете неотповиклива оставка поради капитулацијата која што ќе се обидете да им ја прикажете на граѓаните како победа.

Ако пак Зоран Заев покажа дека е подготвен на ова, тој покажува дека е подготвен и на се останато. И откако е премиер видливо е дека Македонија губи. Губи дел од својот идентитет, губи делови од атрибутите на она што нас не дефинира како народ, држава и граѓани, го менува нашиот идентитет. Го менува она што нас не дефинира како држава, Уставот на Република Македонија.

Тоа е нешто што јас и партијата ВМРО-ДПМНЕ не може да го прифатиме, ниту ќе поддржиме.

Затоа што јас верувам во принципи, верувам во вредности, а принципите се она што нас не дефинира како луѓе и политичари.

ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот, а со цел промена на уставното име, и ќе се спротивстави со сите демократски и правни средства против овој капитулантски договор.

Работата е пресериозна, и сите ние имаме одговорност кон нашата држава и граѓани. Затоа денес побарав итна средба со Претседателот на државата, господинот Ѓорге Иванов кој предводи една од институциите која е дел од државноста и интегритетот на државата и каде што ќе разговарам за ова суштинско прашање. Воедно ја користам и оваа прилика да побарам и средба со Премиерот, господинот Зоран Заев на кој очекувам да ми биде доставен пишаниот документ односно она за што се согласил со неговиот грчки колега Алексис Ципрас.

Почитувани граѓани,

ВМРО-ДПМНЕ останува со вас, останува со Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ останува на страната на интересите на Македонија и на сите вас.