20/04/2024
Охрид

Михаил Трендафилов-Нанче: Јас сакам Охрид да грее, да биде град за пример

Михаил Трендафилов-Нанче е кандидатот на партијата Граѓанско Демократска Унија (ГДУ) за градоначалник на Охрид. Како што вели тој за WebOhrid, во трката за градоначалник на Охрид влезен е со визии за тоа како Охрид да го направи подобро место за живеење и попривлечна дестинација за туристите. Ветува, дека доколку тој ја добие довербата од охриѓани, Охрид навистина ќе биде бисер на Македонија.

Како би ја окарактеризирале Вашата кампања?

Во оваа кампања сум влезен со визии за тоа како Охрид да го направиме подобро место за живеење и попривлечна дестинација за туристите. Проектите се многу сериозна работа. Доколку ја добијам битката за татко на градот, ќе направам тим од умни луѓе со кои напорно, домаќински и чесно заедно ќе се потрудиме да го дигнеме на нозе нашиот Град на светлината. Во мојата кампања често пати сум повторувал дека Охрид не е само кејот. Охрид се и сите околни села, цела југозападна Македонија. Ќе се потрудам заедно со сите охриѓани, Охрид да го направиме навистина да биде бисер на Македонија.

Еден од приоритетите исто така е да го извлечеме нашиот град од долговите во кои западна последните 28 години. Ќе покажеме дека со домаќинско и чесно работење, со креативност и напорна работа, можеме да го спречиме тонењето на градот. Со развој на културниот, спортскиот, медицинскиот, верскиот туризам и нивна добра промоција, ќе привлечеме голем број на туристи, така што ќе се отворат нови работни места и ќе го спречиме иселувањето на младите.

Како ја оценувате кампањата на Вашите противкандидати?

28 години ги слушаме и читаме истите работи. „Ќе, ќе, ќе“… Сето тоа се празни флоскули. Досега имаа 28 години време и ДПМНЕ и СДСМ од Охрид да направат најпосакувано светско место за посета. Ако се работеше чесно и домаќински и ако тие навистина работеа по нивните програми, немаше младите да ни избегаат. Немаше да тонеме во долгови! Јас не се сомневам во чесните намери на моите противкандидати, бидејќи сите се чесни и успешни во своето работење, но двајца од нив доаѓаат од партии, коишто својата нечесност кон охриѓани сакаат да ја покријат со авторитетот на двајцата врвни доктори, кои заедно со мене влегоа во оваа трка.

Ваш повик до граѓаните за в недела.

Охрид не смее да падне. Охрид е симболот на Македонија, во Охрид не смее да се обележуваат територии со градење на 32 метарско минаре, со една единствена цел демонстрација на моќ.

Јас имам решение за проблемот, а имено изградба на меморијален центар на културите. Јас и партијата што ме поддржува немаме ништо против џамијата и минарето. Сакам да изградам камбанарија до минарето, пред XVI век на местото на џамијата имало цркава наречена Св. Никола, пред неа имало и ранохристијанска базилика. Историјата на Охрид не започнува од XVI век. Ако станам градоначалник и овој мој проект стане реалност, Охрид ќе стане единственото место во светот каде еден до друг греат симболите на две големи цивилизации. Во еден двор, зарем има подобар начин да покажеме пред светот дека ние охриѓани имаме заеднички живот за пример. Јас сакам Охрид да грее, да биде град за пример. Мене никој не ми го напиша тоа на ливче и јас не сум читач на туѓи текстови. Јас тоа го мислам, верувам во него и затоа ве повикувам мои охриѓани, не дозволувајте да ве лажат повторно! Го имате најсилното оружје- вистината, а во ваши раце се и најдемократските „куршуми“- пенкалото и гласачкото ливче.

Бидете свои. Заокружете го бројот 4 !

WebOhrid