28/03/2024
Охрид

Милошевски: Потребна е стручна и ефикасна, отчетна и транспарентна администрација

Кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Митре Милошевски, денес одржа прес-конференција на која истакна дека за да има непречено функционирање на Локалната самоуправа потребна е стручна и ефикасна, отчетна и транспарентна администрација.

„Охрид е посебно место и тој заслужува повеќе. Охрид заслужува напредок и резултати.

Локална самоуправа со одлики на работа, чесност, отчетност и одговорност треба да биде лицето на градот.

Потребни се структурни, а не инцидентни реформи. Без силна политичка волја, нема професионална администрација.

Со програмата За Убав град во рамките на надлежностите на Локалната самоуправа предвидуваме реформа во јавната админстрација со проектот Е-Охрид преку надоградување на електронскиот систем со цел обезбедување лесна контрола во давањето на услуги за сите граѓани, но и ставање крај на чекање редици и давање мито; Професионализација како натпревар на знаења и искуство; Развивање на стандардите за административен и карактерен квалитет; Изградба на Модел на административна одржливост, одговорно и отчетно однесување.

Во Локалната самоуправа има квалитетни кадри кои совесно си ја вршат својата работа, но треба уште повеќе да ги мотивираме за да се залагаат што повеќе во своето работење, а со тоа граѓаните да можат да ја добијат соодветната услуга која им е потребна.

За да има непречено функционирање на Локалната самоуправа потребна е стручна и ефикасна, отчетна и транспарентна администрација. Затоа најквалитетен стручен тим ќе ми помага да менаџирам со заложба да се помогне на секој граѓанин во остварување на своите права. Мојата канцеларија ќе биде отворена за секој граѓанин, преку отворен ден со граѓаните, каде што ќе ги сослушам нивните идеи, предлози, мислења, критики.

Нема да дозволам никакво користење на општинските добра за приватни цели, туку средствата ќе бидат наменети во интерес на граѓаните. Администрацијата мора да се врати на професионалните стандарди и институциите да се ослободат од духот на политиканството. Општина која ќе се ослободи од партиските спреги и ќе се посвети на решавање на проблемите на граѓаните.

Мора да има деполитизацијата на администрацијата и затоа уште еднаш апелирам да престанат притисоците во јавната администрација.

Охриѓани се ослободија од стравот и сакаат промени. Докажаа дека го прифаќаат концептот За убав град.

За убав град преку модерни форми на менаџирање со Општината. За убав град и ефикасна Локална самоуправа за граѓаните. За убав град. Охрид повикува.“ – истакна Милошевски.