Милошевски: Развојот на туризмот е нашиот врвен приоритет

Кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Митре Милошевски, денес одржа прес-конференција на која претстави повеќе проекти за развој на туризмот, со кои Охрид како туристичка дестинација со богатото природно и културно наследство ќе ги отвори вратите за туристите.

„Охрид како туристичка дестинација мора да ги отвори вратите за туристите како богатото културно и природно наследство на УНЕСКО. Со сериозна стратегија и пристап кон една од најважните економски гранки за охриѓани-туризмот, директно ќе придонесеме во локалната економија која после падот и стагнацијата во последната година ќе даде оптимистички показатели.

Нови проекти за убав град:

  • Формирање на Локален економски совет за интезивирање на соработката помеѓу општината и приватниот сектор;
  • Изработка на студија за мапирање на стратешки индустриски сектори во регионот на Охрид за правилно насочување на ресурсите во градење на модерна индустрија која е неопходна за остварување на одржлив економски развој;
  • Oтворање Туристичко биро во рамките на ТЛЕР кое ќе функционира во туристичко-информативниот центар преку кое ќе оди промоција на туристичката понуда и производ на градот, давање услуги во посредување при сместување, информација за настани и туристички производи, дистрибуција на промотивен материјал и сл.;
  • Воведување бесплатен бежичен интернет на најпосетувани локации во градот кој ќе биде достапен и за граѓаните и туристи;
  • Традиционално одржување на туристичката „Промотивна Тура“ со цел широка медиумска промоција на Охрид како и креирање на нови пакет аранжмани;
  • Фестивал „OHRID CALLING“ како бренд кој во голема мера ќе го промовира Охрид насекаде низ светот;
  • Воведување видеонадзор на јавни површини и објекти од јавен карактер и интерес за да се зголеми безбедноста;
  • Набавка на мултифункционална бина со озвучување и осветлување за зголемување на квалитетот на манифестациите и збогатување на туристичката понуда на Охрид;
  • Поддршка на туризмот преку конгреси, семинари за развој на конгресниот, здравствениот, културниот, верскиот, спортскиот и сите видови туризам;
  • Перманентна промоција на туристичкиот потенцијал на Охрид преку директни промоции во повеќе градови преку таргетирана промоција на која пред поканети туристички работници (туроператори, агенции, хотелиери и сл), и локални и национални медиуми, амбасади и претставници на властите, ќе бидат промовирани туристичкиот потенцијал и производ на градот, сместувачките капацитети и целокупната понуда;
  • Континуирана туристичка промоција на Охрид за јакнење на меѓународната соработка и зголемување на довербата со збратимените градови и со градовите со кои заедно аплицира, како и таргетираните дестинации во кои се врши промоција на градот Охрид;
  • Интензивирање на меѓународната соработка со соседните држави во насока на искористување на европските програми за финансирање на проекти на Локалната самоуправа.

Развојот на туризмот е нашиот врвен приоритет затоа што значи истовремено и директно и индиректно зголемување на бројот на вработени во градот. Овие и многу други мерки ќе придонесат Охрид да стане препознатлив и често посетуван.

Избори на кои единствената опција е бројот 5. 5 за секогаш убав град. 5 за нов градоначалник, 5 затоа што Охрид повикува!“ – истакна Милошевски.