24/04/2024
Охрид

Милошевски: Заеднички да направиме добри дела за поубав Охрид

Кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Митре Милошевски, денес на Градскиот плоштад во Охрид одржа завршна прес-конференција на која истакна:

„Почитувани мои сограѓани,

Човек е успешен доколку е опкружен со среќни и задоволни луѓе. Целиот мој живот го посветив работејќи со луѓе, помагајќи да ја остварат својата среќа. Во животот се исправив пред уште еден предизвик, а тоа е можноста да помогнам на Охрид и охриѓани, нашиот град да биде поубаво место за живеење.

Успехот е резултат на посветеноста, на одговорниот однос, на дисциплината, на знаењето, на вештините. Стремежот кон успех мора да е континуиран, само така се достигнува целта. Како човек што живее во Охрид, не се откажувам никогаш, се трудам да ги остварам целите, да ја оправдам довербата.

Охрид мора да е убав. Охрид мора да функционира.

Градот мора да се развие, бизнисот да функционира, да има приходи и да има успеси.

За градот, за секој еден во Охрид и Охридско.

Зад програмата За убав Град која има прецизни рокови на реализација стои мојот збор и углед, а луѓето кои ме познаваат знаат дека тоа ми е најважно.

Одберете напредок и резултати, а јас во мојот живот сум покажал дека можам и умеам да создавам и правам добри дела. Овој пат заеднички да направиме добри дела за поубав Охрид.

Имаме сила. Верувам во вас, верувајте во мене. Ме знаете, се познаваме долго. Заеднички успех е поголем успех. Споделена радост е поголема радост. Со заеднички труд резултатите ќе бидат поголеми.

За нас, и за нашите деца на 21 април да го заокружиме бројот 5. 5 за убав град! Охрид повикува!“ – истакна Милошевски.