29/03/2024
Охрид

Милошевски: Живеам за подобро утре на Охрид и охриѓани

Д-р Митре Милошевски е кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО – ДПМНЕ. Негова визија и цел е Охрид да биде убав град, а ветува дека доколку ја добие довербата од охриѓани, да биде првиот човек на Охрид, како што вели за WebOhrid, тој ќе помага секому и во секое време.

Како би ја окарактеризирале Вашата кампања?

Овие избори се многу важни бидејќи слушаме дека фер и демократски избори ќе не искачат сакалило погоре кон европското семејство, со тоа што мораме да докажеме дека сме коректни. Лично за себе можам да кажам дека досега но и понатаму од мојата уста нема да излезе лош збор, низ моите раце нема да поминат пари, многу чесно ќе ја водам кампањата до самиот крај со моите сограѓани. Во мојата кампања сум рамо до рамо со граѓаните во секојдневна комуникација со нив и доколку бидам градоначалник ќе помагам секому и во секое време.

Како ја оценувате кампањата на Вашите противкандидати?

Сакам да потенцирам дека покрај мирниот почеток и коректните изјави од кандидатите, имаме забелешка за влијанието на функционерите од власта кои се обидуваат да вршат притисок врз своите вработени на сметка на својот кандидат. Сакам да апелирам да престанат тие притисоци особено врз оние вработени со договор на определено работно време примени во службите во општина, а воедно ги охрабрувам и тие лица да си постапат по сопствена волја. Позицијата на власт се злоупотребува. Оркестрираните напади кон мене нема да ме поколебаат во мојата визија и цел Охрид да биде убав град. Единствен браник за чесни и фер избори се граѓаните, штом излезат помасовно, толку изборите ќе бидат почесни, а новиот градоначалник со легитимитет чесно и достоинствено ќе седне во фотелјата и ќе се зафати со работа.

Вашиот повик до граѓаните за в недела…

Живеам за подобро утре на Охрид и охриѓани. Тие знаат дека заедно можеме да направиме уште повеќе. Охрид треба да одбере напредок и резултати. Ги знаеме проблемите и имаме решенија. Треба да се работи и да се биде посветен.

Градот може да биде убав, и ќе биде убав.

За убав град! Охрид повикува!

WebOhrid