Минимален пораз од Австрија во Виена

Репрезентацијата на Македонија претрпе минимален пораз од 2:1 на гостувањето кај Австрија во Виена, во претпоследниот натпревар од квалификациите за ЕП 2020. Со отсуство од повеќе стандардни првотимци поради повреди и суспензии со картони, Македонија која го почна натпреварот со двајца дебитанти, Марио Младеновски и Тихомир Костадинов, а влегоа и Влатко Стојановски и Даниел Аврамовски, не остави лош впечаток и на крајот со малце повеќе среќа можеше да го избегне поразот.  

Натпреварот не можеше да почне полошо откако домашните поведоа со 1:0 уште во осмата минута кога Давид Алаба ја следеше добро акцијата и успешно избегна една офсајд замка и погоди за водство на Австрија, а малце потоа Трајковски мораше да ја напушти играта поради повреда. Домашните во продолжение создадоа уште неколку прилики за гол, но со добри интервенции спасуваше Димитриевски. 

Нашиот голман во исто издание го започна и вториот дел кога ја одбрани одлично “бомбата” на Марсел Сабицер. Сепак, во продолжение по корнерот, Штефан Лајнер го зголеми водството на Австрија на 2-0. Енис Барди во 50.минута имаше одличен обид кога директно од корнер шутираше во голот со големо ефе, но Александер Шлагер спаси во последен момент. Најубавата шанса за Македонија ја имаше Влатко Стојановски во 74.минута кога шутираше од 15 метри за малку крај домашниот дирек. Две минути подоцна, голманот Александер Шлагер спаси погодок за Македонија со одлична интервенција после ударот со глава на Влатко Стојановски. Сепак во самиот финиш, Влатко Стојановски успеа да погоди за конечни 2:1.

АВСТРИЈА – МАКЕДОНИЈА 2:1 (1:0)

Стадион „Ернст Хапел“ во Виена 

Гледачи: 41 100

Судија: Мајкл Оливер (Англија)

Стрелци: Алаба 8′, Лајнер 48′ (Австрија), Стојановски 90+3′ (Македонија).

АВСТРИЈА: Шлагер, Улмер, Драговиќ, Хинтерегер, Лајнер, Сабицер, Лајмер (90′ Илсанкер), Баумгартлингер, Алаба (90+2′ Грегорич), Лазаро (79′ Тримел), Арнаутовиќ.

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Младеновски (46′ Зајков), Велковски, Ристевски, Спировски, Барди, Тошевски (62′ Аврамовски), Костадинов, Елмас, Трајковски (13′ Стојановски).