28/03/2024
Македонија

Министерката Апостолска се сретна со словенечкиот амбасадор Јазбец

Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, денес оствари средба со амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија, Милан Јазбец.

На средбата стана збор за можностите за унапредување на економските односи помеѓу двете земји и нивно подигање на степен кој ќе ги одразува одличните долгогодишни политички односи, при што се констатираше дека со заеднички напори трговските односи и инвестициите помеѓу двете земји може значително да се подобрат.

Министерката Апостолска го информираше амбасадорот Јазбец за владините економски политики и инвестициската клима во Македонија, притоа детално презентирајќи ги мерките од Планот за економски раст и финансиската поддршка која истите може да ја понудат на словенечки компании кои би биле заинтересирани за инвестирање во земјава.

Во насока на унапредување на економската соработка и зголемување на инвестициите од Словенија во Македонија, на средбата беше договорено Планот за економски раст да биде претставен пред стопанственици од Словенија кои имаат свои бизниси во Македонија. Се разговараше и за можностите за презентирање на инвестициските потенцијали на Македонија и пред бизнис заедницата во Словенија. Од страна на амбасадорот Јазбец беше изразена подготвеност за вклучување на министерката Апсотолска на неколку бизнис настани, кои во текот на годинава ќе бидат организирани од словенечки стопанственци во Словенија, на кои би добила можност да ги претстави владините економски политики за поддршка на инвестициите.

На средбата стана збор и остварување на директен контакт со неколку словенечки компании, за кои заеднички беше оценето дека Македонија може да биде атрактивна дестинација за инвестирање.