19/04/2024
Македонија

Министерката Шекеринска на министерски состанок во седиштето на НАТО во Брисел

На покана на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска учествува на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО и земјите учесници во мисијата „Одлучна поддршка“. На состанокот, министрите за одбрана ја разгледаа безбедносната состојба во Авганистан и дискутираа за понатамошниот развој на операцијата на НАТО во Авганистан, „Одлучна поддршка“.

Министерката Шекеринска ја истакна посветеноста на Република Македонија во поддршка на напорите на НАТО за унапредување на демократските капацитети на Авганистан и најави понатамошен зголемен придонес на Република Македонија во операциите на НАТО.

„Во духот на нашата посветеност кон вредностите што ги делиме со НАТО Владата на Република Македонија донесе одлука за зголемување на нашиот придонес во Авганистан во 2018 година за 20 проценти“, рече Шекеринска.

Министерката ги истакна и стратешките цели на Република Македонија за членство во НАТО и најави засилено темпо и реформи кон исполнување на критериумите и стандардите на НАТО.

„Успешно спроведените избори покажаа дека Република Македонија може да испорача резултати. Свесни сме дека полноправното членство во НАТО треба да го заслужиме. Во тој контекст, ве уверувам дека Република Македонија ќе покаже напредок во сите области во кои Алијансата детектираше проблеми во минатото. Нашата цел е Република Македонија да стане 30та земја-членка на НАТО“, рече министерката.

На маргините на состанокот министерката Шекеринска побара поддршка за членството на Република Македонија во НАТО од заменичката на Генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемелер; државниот секретар на САД, Џејмс Матис; од министрите за одбрана на СР Германија; Урсула вон дер Леуен; на Кралството Норвешка, Франк Баке – Јенсен и на Р. Италија, Роберта Пиноти. Министерката се сретна и со министрите за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ; на Р. Албанија, Олта Џачка и на БиХ, Марина Пендеш.

На покана на министерката за одбрана на СР Германија, Урсула вон дер Леуен, Министерката зеде учество и на состанокот на земјите кои со свои капацитети и сили придонесуваат во Командата за обука, советување и помош – Север во Авганистан.

На состанокот Министерката се заблагодари за активната соработка и поддршката од страна на СР Германија во рамките на оваа Команда и уште еднаш ги искажа заложбите на Владата на Република Македонија за долгорочен придонес во зачувувањето на мирот, безбедноста и стабилноста, не само во евроатлантската област, туку и пошироко.