29/03/2024
Македонија

Министерот Бектеши: Македонија на дланка на туристите со новата апликација “Visit Macedonia”

„Земајќи ги предвид препораките на релевантните институции во областа на туризмот –  Светската туристичка организација и Комитетот за туризам на Европската Комисија – за поголема дигитализација и иновации во туристичката промоција го стартувавме проектот Visit Macedonia и за 1 месец и половина ја изработивме апликацијата visitmacedonia, која ги следи светските трендови за дигитализација и иновации во туристичката промоција, а има за цел да го привлече вниманието на туристите, посебно на транзитните. Нивната бројка, годишно, воопшто не е за занемарување. Само по Коридорот 10 во просек по 3,5 милиони туристи транзитираат низ нашата земја. Ако им покажеме содржини кои ќе ги привлечат бар малку да скршнат од нивната маршрута и да останат некој ден и во нашата земја, сме добиле многу!“, истакна на денешната прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши. 

Проектното решение го изработи “SIMT” и вклучува три апликации: мобилна, веб апликација и, секако, администраторска конзола, на три јазици: англиски, македонски и албански. Како што објасни Бектеши, целта на мобилната апликација, која е во завршна фаза и веќе може да се симне на Андроид, а во процес на валидација е за „ајфон“, е да понуди брз пристап кон сите потребни информации за да го направи поудобен и поинтересен престојот на туристот во државата. 

„Туристите ќе можат да пристапат до информации за објектите од интерес, од типот на  споменици, музеи, ресторани, хотели, природни добра, археолошки наоѓалишта и сл., на својот мобилен уред и истите ќе му бидат дадени на располагање преку приказ на детали, слики, GPS координати преставени на интерактивна мапа, со оценки и коментари од останати корисници“, посочи министерот Бектеши. 

Во мобилната апликација е содржан и механизам за пребарување низ објектите по разни основи, а истите се организирани од аспект на близината на корисникот, според локацијата на уредот кој го користи. Освен тоа, апликацијата содржи и Планер на патување и Патнички дневник, кој претставува трага од патувањето на корисникот, а нуди можност за споделување на социјалните мрежи. Дневникот е воедно интерактивниот дел на оваа апликација и нешто по што апликацијата на нашата земја  се одделува од вакви слични апликации во светот.

Веб верзијата на апликацијата има за цел да понуди алтернативно решение на системот кој би бил универзален за користење. Таа дополнително содржи простор за пријавување на угостителски објекти, културни обележја и сл. Имено, фирмите или други засегнати лица ќе можат да го пријават својот објект за истиот да влезе во системот на апликацијата и на тој начин да се промовира. 

„Туризмот е единствениот сектор кој во последниве 9 години бележи континуиран раст од 100 отсто. Минатата година ја завршивме со зголемување на бројот на туристи за 16,6%, при што кај странските  туристи зголемувањето достигна 23,5% во однос на 2016 година, а во првиот квартал од оваа година бројот на туристи е зголемен за 18,7 %, и тоа кај странските туристи за 23%, а кај домашните 10,8%. 

На пример, само во мај оваа година, Македонија ја посетиле 104.034 туристи, кои оствариле во просек по две ноќевања во државата.  А нашата цел е тој број да се зголемува, што автоматски ќе значи и поголем девизен прилив. Се надевам дека со овој проект ќе успееме да се доближиме до нашата цел – дел од транзитните туристи да ги направиме намерни посетители на нашата земја, за веќе на следното нивно патување некои од нашите туристички места да бидат нивна финална одредница“, посочи Бектеши.