28/03/2024
Македонија

Министерот Бектеши: Нашата иднина зависи од нашата заложба за унапредување на економскиот раст

Под покровителство на бугарското претседателство на Советот на Европската Унија 2018, во организација на Бугарскиот форум за бизнис лидери (БФБЛ) денеска во Софија, само ден пред пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, се одржа конференцијата “Investment prospective: Western Balkans”. Во фокусот на конференцијата беше економскиот потенција на земјите од Западен Балкан, како и инвестициските перспективи за развој на бизнисот во регионот, а целта е дискусијата на бизнис лидерите да ја поттикне регионалната економска соработка како суштински дел од европската интеграција на земјите од Западен Балкан и клуч за нивниот напредок и благосостојба.

Домаќини на конференцијата беа претседателот на БФБЛ, Ираван Хира и министерката за бугарското претседавање со ЕУ 2018 година, Лилијана Павлова, а меѓу говорниците свои излагања имаа бугарскиот премиер Бојко Борисов и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.
Република Македонија ја претстави министерот за економија Крешник Бектеши кој имаше свое излагање на тркалезната маса на тема „Економскиот потенцијал на Западен Балкан“, на која меѓу дискутантите беа и вицепремиерот на Бугарија и економските министри од Бугарија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора.

„Економскиот просперитет е суштински за обезбедување долгорочна стабилност и развој на регионот на ЈИЕ, но и предуслов за поефикасен процес за евроинтеграција. Усвојувањето на Стратегијата за ЈИЕ 2020 од страна на владите во регионот ги потврдува заложбите за јакнење на регионалната соработка и поврзување на економиите, потенцирајќи ја идеата за одржлив развој преку поголема координација на националните политики“, истакна Бектеши во својата дискусија, потсетувајќи дека Берлинскиот процес и Самитот во Париз го задржаа фокусот на регионалното поврзување, при што беше ветено дека ќе се обезбедат дополнителни финансиски средства за подобрување на инфраструктурата во регионот.

Бектеши го спомена и изготвениот Повеќегодишен акциски план за создавање регионална економска област во Западен Балкан, на барање на земјите од регионот, како резултат на Самитот во Трст, чија цел е заеднички пристап за унапредување на економската соработка, преку промовирање на понатамошна трговска интеграција, воведување динамичен регионален инвестициски простор, олеснување на мобилноста во регионот и креирање на агенда за дигитална интеграција.

„Имплементацијата на активностите има за цел да овозможи непречен проток на стоки, услуги, капитал и висококвалификувана работна сила, со што регионот ќе стане попривлечен за инвестиции и трговија, забрзување на конвергенцијата со ЕУ и просперитет на сите свои граѓани. Регионалната економска област се базира на принципите на недискриминација, создавајќи еднакви услови за сите во регионот“, посочи Бектеши.

Тој ја нагласи посветеноста на македонската Влада за континуирано спроведување на реформската агенда на ниво на економија, што се рефлектира во избраните приоритети на новата Програма за економски реформи, со што ќе се овозможи подобро деловно опкружување и подобрување на конкурентноста, ставајќи акцент на Планот за економски раст на Владата, особено мерките од третиот столб за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија имајќи предвид дека токму тие се носечки столб на целокупната економија.

„Нашата иднина зависи од нашата заложба за унапредување на економскиот раст, поддршка на успешните бизниси и меѓусебна регионална соработка и взаемно почитување“, порача Бектеши на Конференцијата во Софија.