19/04/2024
Охрид

Министерот Едмонд Адеми во посета на општина Охрид

Градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески денеска оствари средба со министерот без ресор, задолжен за дијаспората и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми.

На средбата уште еднаш беше потенцирана посветеноста на Локалната и централната власт во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО и имплементација на  Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион.

Министерот и градоначалникот извршија увид на работните активности за уредување на крајбрежјето на Охридското Езеро, каде што минатата седмица се вршеше  отстранување на урбана опрема и бесправни градби кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план.

Во рамки на уредувањето беа ангажирани екипи на сите општински јавни претпријатија, при што се изврши  подигнување на градежниот шут и несоодветниот материјал, а планирани се и активности за насипување и уредување на плажата со соодветна речна песок.

Дел од сопственици на објекти на крајбрежниот појас од населбата „Свети Стефан“ до потегот на крајбрежјето кај „Градиште“, веќе започнаа самостојно да ги отстрануваат поставените нелегални објекти на плажите. Се упатува апел и до останатите сопственици да постапат по дадените препораки.

Процесот на отстранување на урбаната опрема и бесправните градби од крајбрежниот појас на Охридското Езеро, според планираното ќе продолжи по завршување на активностите на уредување и ќе трае се до конечно расчистување на крајбрежјето.