25/04/2024
Македонија

Министерот Николовски е во тридневна официјална посета на Москва

Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, како ко- претседател на македонскиот дел на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација, од вчера е во тридневна официјална посета на Москва, Русија.

Во рамки на посетата, министерот Николовски ќе присуствува на свеченото отворање на саемот за широка потрошувачка, „Продекспо2018“, на кој своите производи ќе ги претстават дел од македонските компании, а чии што настап на саемот, е во организација на Македонско-руската стопанска комора и со финансиска поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Се работи за саем кој се одржува секоја година во месец февруари, на вкупна површина од околу 100.000 м2. Со свои штандови присуствуваат претставници од преку 2.000 компании од над 60 земји од светот. На саемот се претставуваат многу национални групи и асоцијации од Бразил, Германија, Норвешка, САД, Италија, Данска, Унгарија, Франција, Турција, Канада, Египет, Кипар, Грција, Индија, Полска, Бугарија, Словенија, Јордан, Аргентина, Белгија, Романија, Финска, Мексико, итн. Саемот го посетуваат повеќе од 94.000 лица. Значајно е да се напомене дека саемот е успешен особено за македонските винарии, кои во рамки на саемот имаат можност за склучување на договори.

Република Македонија како земја со компаративна предност во производство на вино, овошје и зеленчук, има големи можности да го зголеми извозот на производите кои се дефицитарни на рускиот пазар. Зголемувањето на трговската размена и учеството на саеми во Руската Федерација за презентација на македонските земјоделски производи е и една од договорените активности на мешовитата комисија помеѓу Република Македонија и Руската Федерација.

Министерот Николовски во рамки на официјалната посета, ќе има работен состанок со министерот за земјоделство на Руската Федерација Александар Ткачов и со копретседателот на Меѓувладината комисија за соработка, Максим Травников.