29/03/2024
Македонија

Министерот Николовски на билатерална средба со грчкиот министер Араховитис

Во рамки на официјалната посета на претседателот на Владата на Грција, Алексис Ципрас, министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на Република Северна Македонија, денеска имаше билатерална средба со неговиот грчки колега, министерот за земјоделство и храна на Грција, Ставрос Араховитис.

На средбата двајцата министри разговараа за подготовка на Меморандум, кој ќе биде изработен од тимови од двете министерства. Во Меморандумот тимовите ќе треба да ги утврдат областите за соработка во делот  на земјоделството и сродните сектори. Николовски и Араховитис, на средбата се договорија двете министерства да работат на размена на искуства, експертска помош, како и иницирање на соработка помеѓу регионите во Република Северна Македонија и во Република Грција, кои се познати по производство на ориз. Соработката во делот на оризопроизводството би подразбирала понатамошна поддршка на Институтот за ориз во Кочани и пренесување на искуства од страна на Институтот за ориз во Грција, како и иницијативи за локален развој преку воспоставување на соработка помеѓу општините кои се значајни реони за производство на ориз во двете држави.

Двајцата министри се согласија дека е потребно заедничко дејствување за заштита на рибниот фонд, договорање на квоти за риболов и собирање податоци, кои се однесуваат на заедничките риболовните води односно на Дојранското и Преспанското езеро, а што е во интерес на двете земји.

Грчкиот министер Араховитис, порача дека сега е вистинскиот момент за интензивирање на грчко-македонската трговска сорабтока во делот на земјоделско-прехранбените производи. Министрите се согласија дека заеднички треба да работат на одржливоста на руралниот развој и руралните средини особено во пограничниот регион. Министерот Араховитис, го покани министерот Николовски да присуствува на заеднички форум во Грција на кој би учествувале надлежните институции од областа на земјоделството и руралниот развој од Република Северна Македонија, стопанските комори и бизнисмените од секторот за преработка на земјоделски производи.