28/03/2024
Македонија

Министерот Николовски во официјална посета на најголемиот светски саем за храна и земјоделство „Зелена Недела“ во Берлин

Од денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, е во петдневна официјална посета на најголемиот светски саем за храна и земјоделство „Зелена Недела“, во Берлин, Сојузна Република Германија. Се работи за саем со долга традиција од 1926 година, на кој што своите производи ги изложуваат фирми од целиот свет, поради што доаѓаат повеќе од 400.000 посетители. Целиот настан е во организација на Министерството за храна и земјоделство на Сојузна Република Германија, во рамки на кој што се одржува и Форум за храна и земјоделство.

Годинава на саемот ќе учествуваат околу 90 министри за земјоделство од целиот свет, еврокомесарот за земјоделство и рурален развој на Европската унија, Фил Хоган, но и директори на меѓународни институции како Светска банка, Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации, меѓународни организации за земјоделство и други.

Оваа година, министрите ќе имаат панел дискусии на кои што ќе се разговара за иднината на глобалното диверзифицирано сточарско производство, важноста на оваа земјоделска гранка, како и идните мерки за развој на сточарството, кое што има важен удел во развојот на вкупната економија.

Во рамки на саемот министерот Николовски ќе има билатерална средба со министерот за земјоделство на Република Словенија, Дејан Жидан. Исто така во склоп на настанот, министерот Николовски ќе присуствува на формалната церемонија на потпишување на Европската декларација за соја, организирана од страна на министерот за земјоделство на Унгарија, Шандор Фазекаш. Годинава министерот Николовски, ќе потпише свечена изјава со која Македонија дава поддршка на оваа Европска декларација за соја.

Дел од саемот е и одржувањето на Тркалезната маса за земјоделство и рурален развој на Западен Балкан, во организација на Постојаната работна група за регионален рурален развој –SWG, на која што свое обраќање ќе има и министерот Николовски. На тркалезната маса ќе учествуваат Кристијан Шмит, член на германскиот Бундестаг и федерален министер, еврокомесарот за земјоделство и рурален развој на Европската унија, Фил Хоган, министерот за земјоделство на Бугарија, Румен Порожанов, министерите за земјоделство од Југоисточна Европа, и копретседателот наSWG, Бобан Илиќ.