24/04/2024
Македонија

Министерот Спасовски и евроамбасадорот Жбогар на презентација на ТЕТРА системот

Министерот Оливер Спасовски и амбасадорот на Европската унија во Република Македонија Н.Е. Самуел Жбогар денеска присуствуваа на презентација на ТЕТРА системот во Центарот за известување и команда во СВР Скопје. ТЕТРА системот претставува единствен дигитален радио-комуникациски систем за јавната безбедност на национално ниво, кој го користат припадниците на МВР, но и на други институции. Со тоа се овозможува нивна заедничка меѓусебна комуникација и подобра координација при извршување на своите задачи и подобрување на безбедноста на граѓаните на РМ.

„МВР во подготовката на ТЕТРА системот е вклучено од самиот почеток. Од 2005 година, со подготовката на физибилити студија па се до денеска. Благодарение на поддршката на ЕУ, имаме современ дигитален комуникациски радио систем“, рече министерот Спасовски.

Амбасадорот Жбогар информираше дека Европската унија доделила 19 милиони евра за овој проект, кој е имплементиран во три фази.

„Овој систем овозможува меѓусебна комуникација на полицајците, но и комуникација со централата. Токму сигурната комуникација меѓу полицајците и централата е основа за ефикасно извршување на нивните должности“, истакна амбасадорот Жбогар.

Во ТЕТРА системот се вклучени повеќе од 6000 терминали, а повеќе од 8000 полициски службеници се обучени за негово користење. Со неговото воведување во употреба се заокружи процесот на дигитализација на телекомуникациските системи на МВР, а претходниот аналоген радио систем е ставен надвор од употреба веќе подолго време.

https://www.youtube.com/watch?v=K_WZ7SfyRfE