28/03/2024
Македонија

Министерот Спасовски на Втората сесија на Работната група IV- Правда, слободи и безбедност (Поглавје 24) во Скопје

Иако Република Македонија, не може да се класифицира како земја – крајна дестинација во мигрантските движења, туку е само коридор за лицата бегалци, тоа никако не ја исклучува обврската, но и потребата од донесување на опфатна, квалитетна и издржана законска регулатива во поглед на меѓународната и правна заштита, рече министерот Оливер Спасовски во своето обраќање на денешната Втора сесија на Работната група IV- Правда, слободи и безбедност (Поглавје 24) „Азил- меѓународна и привремена заштита“ во Скопје

„Од почетокот на минатата деценија, поточно од 2003 година наваму проблематиката на азилот имаше свој институционален и нормативен третман, при што тргнувајќи од нашите евро-интеграциски заложби од императивно значење беше воспоставувањето регулатива која што ќе почива врз сите важечки меѓународни правни стандарди, и ќе биде во целост хармонизирана со правните практики на Европската унија. Од пред точно два месеци стапи на сила новиот Закон за меѓународна и привремена заштата, како своевидна надградба на претходниот Закон за азил и привремена заштита. Всушност со овој нов надополнет законски акт се прави значително допрецизирање на одредбите што ги дефинираат статусот, процедурите, постапките во процесот на меѓународна и привремена заштита на лицата бегалци, но и на новините особено околу условите и механизмите за ограничување на правото за слобода на движење на лицата баратели на азил, притоа целосно следејќи ги директивите на Европската унија од оваа област“,  рече Спасовски.

Генерално, рече Спасовски, станува збор за квалитетна правна рамка фундирана врз почитување на постоечката домашна регулатива, но и врз нашите облигаторни обврски произлезени од декларираната заложба за наше целосно интегрирање во ЕУ. „Таа, правна рамка треба, во периодот што е пред нас, да резултира со донесување на низа подзаконски и други акти коишто ќе треба да обезбедат институционална оперативност и функционалност на законот, негово системско имплементирање, дотолку повеќе што тој нужно бара повеќеинституционално делување, но и зголемување на степенот на регионална и меѓународна соработка особено во делот на евиденцијата, размената на податоци и информации и слично“, рече Спасовски.