Министерот Спасовски во посета на ПС Карпош и локалната самоуправа

Безбедносната состојба на подрачјето на општина Карпош е добра и видливи се резултатите на полициското работење, а во наредниот период предвидуваме и низа активности за натамошно подобрување на резултатите, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по денешната посета на Полициската станица Карпош и локалната самоуправа, како и и седницата на Локалниот совет за превенција на која присуствуваа заедно со градоначалникот Стефан Богоев.

Во првата половина на 2019 година имаме намалување на прекршоците од областа на јавниот ред и мир, а има подобрување и во други области од полициското работење, за што голем придонес има и обновената соработка меѓу граѓаните и полицијата.

-Во оваа полициска станица веќе почнавме со позорникарите во неколку реони и како ќе се зголемува бројноста на полициските службеници ќе се зголемува и покриеноста на реоните. Локалниот совет за превенција активно работи на заеднички проекти со СВР Скопје и очекувам дека и во иднина сите заедно ќе работиме и ќе придонесеме за подобрување на безбедноста- рече Спасовски.

 Постојаната и квалитетна соработка меѓу локалните власти и полицијата, е еден од оние основни предуслови, не само за партнерско делување во врска со низа заеднички интереси, туку и за постигнување ефективни резултатити во личната безбедност и сигурноста на граѓаните, во одржувањето на јавниот ред и мир, во заштитата на материјалните добра. Од суштинска важност е функционирањето на Локалните совети за превенција, тела кои што се замислени да бидат двигатели на превентивното делување, а преку навремена и квалитетна детекција на проблемите и приоритетите во рамки на локалната заедница, и носење соодветни решенија.