19/04/2024
Македонија

МИОА Манчевски на конференција за ИКТ, иновации, регулатива и инвестиции во Софија

Министерот за информатичко општество и администрација во Владата на Република Македонија Дамјан Манчевски, денеска имаше свое обраќање на дводневната меѓународна конференција на тема: „ИТ Хаб Конект 2018 – Иновации, Регулатива, Инвестиции“, што се одржува во Софија, под покровителство на Владата на Република Бугарија во рамките не нејзиното претседавање со Европската Унија.

Министерот Манчевски на отворањето на конференцијата, на која свои обраќања имаа и Министерката во владата на Република Бугарија, задолжена за активностите со претседавањето на оваа држава со ЕУ, Министерот Бесим Беќај, министер за иновации и претприемништво во Владата на Република Косово, како и Претседателот на Република Бугарија Росен Плевнелиев и еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел, истакна дека во денешно време, во овој 21 век, јадрото, основата на реформата на јавната администрација е ИКТ.

„Јадрото на промените на нашите општества, на нашите животи, е ИКТ. Многу земји го направија скок напред и ги прифатија промените. Колку побрзо ќе прифатиме да се промениме, толку подобри ќе бидеме“, рече во своето обраќање на конференцијата министерот Манчевски.

Министерот Манчевски нагласи дека иновациите и претприемништвото во ИКТ се признати како основно средство за создавање работни места и економски развој во Македонија, и дека е ова е случај и во другите земји од Западен Балкан.

„Министерството за информатичко општество и администрација, заедно со Фондот за иновации и технолошки развој, ја започна првата фаза во формирањето на Научно-технолошкиот парк во Скопје. Тој има за цел обезбедување на инфраструктурна и финансиска поддршка за иновативните активности. Сакаме да создадеме сосема нов еко-систем за иновативните мали и средни претпријатија за да растат и да се поврзат. Владата ќе биде еден вид „чувар“ и поддржувач на фондот, кој ќе ги поддржи младите компании во нивните најризични фази“ – информираше министерот Манчевски, и додаде дека научниот и технолошкиот парк како мерка за поддршка на микро, мали и средни претпријатија е еден од трите столба на Планот за економски раст на Македонија.

Министерот Манчевски уште информираше дека Владата на РМ работи и на подобрување на ефикасноста на работењето на државните институции, зголемување на транспарентноста и пристапот до информации за поддршка на развојот на малите и средни бизниси.

„И повторно ИКТ е совршена алатка за транспарентност. Да бидеме искрени и многу отворени. Еден од главните предизвици на секој бизнис во која било земја е корупцијата. И повторно доаѓаме до ИКТ и дигитализацијата. Дигитализацијата значително ги намалува можностите за корупција – потенцираше министерот Манчевски во своето обраќање на меѓународна конференција на тема: „ИТ Хаб Конект 2018 – Иновации, Регулатива, Инвестиции“, што се одржува во Софија, Република Бугарија.

Манчевски ја истакна и силната поддршка што земјите од регионот ја добиваат партнерите од ЕУ и САД, и особено од иницијативата Берлински процес, како програма за повеќегодишна акција за поврзување и етаблирање на регионална економска област на Западен Балкан.

Како дел од дигиталното поврзување на земјите од регионот во рамките на оваа иницијатива, Министерот за информатичко општество и администрација Манчевски, упати отворена покана до присутните на конференцијата да бидат дел и од првиот Дигитален самит на Западен Балкан, што на 18-ти и 19-ти април ќе се одржи во Република Македонија, и најави дека на дводневниот самит во Скопје ќе се разговара за драстично намалување на цените на роамингот за земјите од Западен Балкан со ЕУ, за взаемно признавање на дигиталните сертификати меѓу земјите од регионот со EУ, за зајакнување на дигиталните вештини, како и за заедничка стратегија за сајбер-безбедност на Западен Балкан со ЕУ.

„Со толку многу промени што се случуваат во светот на технологијата, ние мора да се адаптираме. Да бидеме лидери на промените и да ги надминеме сите потенцијални граници и бариери со цел да постигнеме подобри резултати во овие области“, истакна во завршницата на своето обраќање министерот за информатичко општество и администрација во Владата на РМ, Дамјан Манчевски на меѓународната конференција на тема: „ИТ Хаб Конект 2018 – Иновации, Регулатива, Инвестиции“, што се одржува во Софија, Република Бугарија.


Интегрален текст (превод) од обраќањето на министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски на IT Hub Connect конференција за иновации, регулација и инвестиции, во Софија, Р. Бугарија

„Многу луѓе ме прашуваат каква е поврзаноста помеѓу информатичкото општество и администрацијата. Само пред неколку години, и јас самиот го поставував истото прашање. Но сега, во 21-виот век, јадрото односно основата на реформата на јавната администрација е ИКТ. Основата на промените на нашите општества, нашите животи е ИКТ.

Многу земји се во тек со напредокот и ги прифатија промените. Колку побрзо ги прифатиме промените, толку подобри и ќе бидеме. Дигиталната трансформација не е лесна. Тоа всушност претставува прилично скап потфат. Потребни се инвестиции во инфраструктурата, но и во човечките ресурси. И, конечно, имаме свест. Конечно, сите Балкански земји сме заедно, во заеднички напори да направиме нешто повеќе за нашите граѓани.

Покрај сите политички прашања, како и историјата, се собравме тука денес, како што ќе се собереме за еден месец од сега во Скопје, како што ќе се собереме за два месеца повторно во Софија, а потоа во Лондон, за да кажеме дека Земјите од Западен Балкан (WB6) се обединети во дигиталната трансформација. Дека имаме волја, посветеност и соработка, заедно да ја прифатиме промената. Дека има многу начини да се води, на добар начин. Не на начинот на кој бевме познати во минатото.

Дозволете ми да ја искористам оваа прилика да им се заблагодарам на нашите колеги и пријатели од Владата на Бугарија. Бугарија, откако го презеде претседателството со ЕУ, го врати ЗБ на врвот на агендата на ЕУ. Многу ми е мило што гледам дека еден од столбовите на новата стратегија на ЕУ за ЗБ е дигитализацијата. Агендата на комесарот Габриел е тесно поврзана со политиките на 6-те влади од Западен Балкан и заеднички се трудиме да ги подобриме животните стандарди на граѓаните од сите балкански земји.

Иновациите претставуваат клучен фактор во процесот. Иновациите во бизнис секторот може да заземат многу форми, како развој на нови производи и процеси, организациски иновации и маркетинг иновации. 
Политиките ќе го одразат овој широк концепт на иновациите со избегнување на преголем акцент врз истражувањето и технологијата движена од иновации. Политиките особено ќе ги поддржат малите и средните претпријатија и нивната цел ќе биде надградба на капацитетите за иновации на постојните фирми и поддршка на создавањето на нови иновативни бизниси. Побарувачката за иновации ќе биде поддржана од подобри информации и техничка помош од страна на властите. Понатаму, Владата ќе преземе мерки за олеснување на пристапот до заеми и финансирање на иновативните компании преку прибирање на капитал.

Иновациите и претприемништвото во ИКТ се признати како основно средство за создавање на работни места и економски развој во Македонија. Среќен сум што можам да кажам дека ваков е случајот и во другите земји од Западен Балкан.

Многу иницијативи доведоа до развој на силна и конкурентна позиција на Македонската ИТ индустријата во регионот на Западен Балкан. Меѓутоа, со секојдневните промени на ИКТ/телекомуникациите и глобално поврзаната економија, важно е да останеме конкурентни.

Денес сме тука во оваа извонреден центар. МИОА, заедно со Фондот за иновации и технолошки развој, го отпочнаа стартот на првата фаза во основањето на Научно-технолошкиот парк во Скопје. Научно – технолошкиот парк е субјект за давање на инфраструктурна и финансиска поддршка на иновациската дејност. Сакаме да создадеме сосема нов еко-систем за иновативните мали и средни претпријатија да се развиваат и да се поврзат. Владата ќе претставува еден вид супер фонд (super angel fund), кој ќе ги поддржи новите компании во нивните најризични фази.

Основањето на еден модерен Научно-технолошки парк (НТП) е иницијатива која има за цел да ја зајакне конкурентноста на водечките индустрии во земјата и да го поттикне развојот на новите сектори. Главната цел на проектот е да се подобри сегашниот иновативен екосистем во земјата преку јакнење на соработката на академските институции, индустријата и јавниот сектор.

Главни корисници во НТП планирано е да бидат:

• Компании, особено малите и средни претпријатија, стартапи и спиноф компании
• Компании ориентирани кон истражување и развој
• Студенти, дипломци и докторанти
• Истражувачки кадар на универзитетите.

Научно-технолошкиот парк како мерка за поддршка на микро, мали и средни претпријатија е еден од трите столба на Планот за економски раст на Македонија. Останатите два столба се однесуваат на мерки за финансиска поддршка за нови гринфилд и браунфилд инвестиции, создавање на нови и подобри работни места, технолошки развој и истражување, како и подобрување на деловната соработка и неповратната поддршка за компаниите. Овие два столба ќе се имплементираат преку новиот Закон за финансиска поддршка на инвестиции.

Главната цел на Законот за финансиска поддршка на инвестициите е да се утврдат правните основи за формализирање на поддршката и спроведувањето на мерките од Планот за економски раст. Ова ќе доведе до поддршка на новите претпријатија, намалување на невработеноста, зајакнување на конкурентноста, ефикасност и продуктивност, поттикнување на соработка помеѓу домашни и странски компании, како и зголемување на инвестициите. Постапката за добивање на финансиска поддршка ќе биде транспарентна, јасна, прецизна, едноставна и еднаква за сите деловни субјекти.

Владата на РМ се стреми кон конкурентна економија, одржлив економски развој и висок животен стандард на граѓаните. Ние постојано работиме на подобрување на ефикасноста на работењето на државните институции, зголемување на транспарентноста и пристапот до информации. Оттука, главната цел на Владата на Македонија е да обезбеди висококвалитетни јавни услуги за граѓаните и бизнисите со искористување на моќта на технологијата и иновациите. За таа цел се предвидени низа од мерки меѓу кои и реформирање на механизмот за проценка на влијание на регулативата, како и воведување на постојани канали за комуникација со бизнис заедницата. Еден од механизмите е Националниот електронскиот регистер на регулативи (ЕНЕР).

Регистарот претставува онлајн платформа каде Владата ги доставува сите нацрт-закони, се консултира со сите заинтересирани страни и со јавноста, најмалку 20 дена пред да влезе во владина процедура.

Ова води до друга точка. Транспарентност. Не постојат економски мерки, даночни реформи или административни реформи кои можат да ја подобрат деловната состојба во која било земја како транспарентноста на институциите. Ние во Македонија секојдневно ги гледаме придобивките од тоа, што значително ги охрабрува бизнисите да инвестираат. И повторно, можам да кажам дека ИКТ е совршена алатка за транспарентност.

Ајде да бидеме искрени и многу отворени. Еден од главните предизвици на секој бизнис во која било земја е корупцијата. Човечкиот фактор, па дури и јас би рекле дека човечката природа е генератор на корупција. И повторно доаѓаме до ИКТ и дигитализацијата. Дигитализацијата значително ги намалува можностите за корупција. Автоматизираните и дигитализираните процеси не можат да бидат корумпирани. Всушност, тие можат да бидат, но тоа е сосема друга приказна. А лошата вест е дека на Балканот имаме проблеми со корупцијата. Но, добрата вест е што решивме дигитално да ги поврземе и да ги премостиме инфраструктурните јазови со дигитални решенија. И дигитално да се бориме против корупцијата. Клучен фактор, повторно, е силната волја и решеноста на клучните засегнати страни, заедно со силната поддршка што ја добиваме од нашите партнери од ЕУ и САД.

Во контекст на Берлинскиот процес и Самитот во Трст, на барање на шесте премиери од Западен Балкан, изготвен е нацрт Мулти-годишен акциски план за регионална економска област на Западен Балкан со цел подготвување и изработка на “предлог за заеднички пристап за унапредување на економската соработка во Западен Балкан “. Агендата за реформа на Мулти-акцискиот план се фокусира на четири столба – инвестиции, трговија, мобилност на трудот и дигитална интеграција. Во овој контекст, ЗБ6 ги засилува своите напори за спроведување на реформите кои ќе создадат динамичен и интегриран регион.

Овие реформи ќе се усогласат со најдобрите практики и стандарди на ЕУ и меѓународните организации и истите се дизајнирани да го направат регионот попривлечен за инвестиции и трговија и да се забрза конвергенцијата со ЕУ.

Горд сум што можам да кажам дека Македонија ќе биде домаќин на првиот Дигитален самит на ЗБ6 на 18-ти и на 19-ти април. И јас Ве поканувам да присуствувате на истиот. Но, што е уште поважно е она за што ќе разговараме на самитот.

Што се однесува до мене, очекувам договор и за четири многу конкретни иницијативи:

1. Драстично намалување на цените на роаминг во Западен Балкан и во ЕУ за граѓаните на Западен Балкан
2. Взаемно признавање на дигитални сертификати помеѓу ЗБ6 и во ЕУ
3. Зголемување на дигиталните вештини
4. Заедничка стратегија за сајбер-безбедност

Ние мора да се адаптираме со секојдневните промени што се случуваат во светот на технологијата. Но, ние исто така сакаме да бидеме лидери на промените. За ова, исто така, мора да се обврземе од нашите државни буџети. Сепак, најважна од се е иновацијата. Ние се стремиме да ги надминеме сите потенцијални граници и бариери со цел да постигнеме подобри резултати. Регулативите во земјите треба да се усогласат што е можно повеќе, со цел да се обезбедат подобри, побрзи и поевтини услуги за граѓаните и за бизнисите.

Многу од моите колеги и политичари сметаат дека интернетот е зло. Дека интернетот е оружје. Дека им помага на криминалците и екстремистите да се организираат. Дека главно се користи за кражба на нашите лични податоци. Јас не се согласувам со тоа. Се може да биде оружје. Книгата може да биде оружје. Авионот, дали тој е оружје или средство за транспорт? Се може да биде оружје во рацете на лошите луѓе.

Интернетот всушност претставува прекрасен инструмент, кој ни овозможува да ги подобриме нашите животи. Ние треба да бидеме иновативни, но од аспект на регулативата, исто така, треба да бидеме внимателни. Има толку многу нови технологии кои функционираат на високи фреквенции. 5G, безжична оптика и многу други, за кои е потребно паметно планирање на фреквенцијата. Мораме да се движиме брзо, но, исто така, треба да се движиме паметно. Фреквенциите се ограничени ресурси и истите треба максимално да ги искористиме без притоа да направиме грешки.

Дозволете ми да завршам. Постои една африканска поговорка која гласи вака: ако сакате да одите брзо, одете сами, но ако сакате да одите далеку, одете заедно. Не ми се допаѓа оваа поговорка. Имам уште една нова, Балканска. Ако сакаме да одиме брзо и далеку, одиме заедно. Заедно одиме брзо и одиме многу подалеку од 2020 година“.