29/03/2024
Македонија

Митаноски: Погрешен е приодот на Владата за субвенционирање дневни весници

Недоволен е и, за мене, неубедителен аргументот, во самисла на повикување на светски искуства од земјите на развиените демократии, како образложение на Владата кон намерата да ги субвенционира дневни весници.

Нашето искуство и нашата реалност, одат воприлог на заклучокот дека е погрешен приодот на владата за субвенционирање дневни весници.Тоа значи враќање на состојбите од пред 15 години и тоа од страна на иста владина коалиција, а и исти актери.Тоа е помалку и чудно, да не кажам парадоксално.

Во тоа време, преку Агенцијата за информации на Република Македонија, Владата субвенционираше весници и магазини, со сума од 2 милиони марки, што, горе долу, би било еквавилент на сегашни 2 милиони евра. Јас добро се сеќавам дека заговорник на идејата за укинување на субвенциите, беше исто лице – и тогаш и сега, главен и одговорен уредник на весник.Самиот министер Попоски беше претседател на ЗНМ.Не се сеќавам дека тој имаше попречно мислење.

Како и да е, тогашната аргументација беше дека весниците и часописите, не треба да се хранат директно од државните јасли, туку државата да им создаде амбиент за слободен пазар, со тоа што ќе им помогне индиректно – преку намалување на царинските давачки за увоз на рото хартија. Мислам дека тој аргумент е сега доста поснажен и Владата треба да се движи во тој правец.

Дополнително, денешното влијание, со скромните тиражи и енормните ремитенди, ја побиваат тезата на Владата за општествената оправданост. Во тоа време, пристапот кон Интернет, беше до 5 проценти од популацијата.Денеска е можеби и 90 проценти, така што, весниците не можат да се издвојат како особено потребни, во однос на електронските медиуми и порталите.Ако ги погледате, тие и така се платформи на Владата за конкурси и огласи, со по неколку страници на ден.

Натаму, од дури четирите дневни весници, зад половината стои странски основачки капитал, најверојатно и влијание.Владата не смее да го пренебрегне тој факт, сеедно дали денеска и оди во прилог,или не.Веќеутре може да и се удри од глава, како што тоа веќе се случувало во Македонија.

Се плашам дека со овој потег, Владата, свесно или несвесно, ќе го врати времето на монополите, кога ист сопственик, имаше и телевизиски медиум и дневен весник, дополнително и неделен магазин.Не верувам дека такво искуство има во развиениот демократски свет.

Не сакам ниту да го коментирам образложението дека со тоа ќе се зголемеле професионалноста и платите на новинарите! За каква професионалност говориме ние: Ниту еден од дневните весници нема доиписник од мојот Охрид, а страниците им се полни со случувања за Охрид!? Отворената кражба од порталите, сега Владата ќе им ја наградува!?

Парите не ја прават професионалноста, а дека ќе се зголемат платите, погледајте на примерот на Нова Македонија. Најбогатиот човек во земјата, трудот на новинарите им го наградува со по 10.илјади денари!? Се знае каде ќе завршат парите.

Би било добро, Владата уште еднаш убаво да размисли и да оди во правец на царински и други олеснувања,со цел подобрување на амбиентот за слободен пазар, а не на директно финасирање, затоа што тоа, на некој начин, е “déjà vu” на она што веќе го имавме со претходната власт, кога забегавме до трагикомичност.

Веле Митаноски, новинар и последен директор на, сега непостојната, Агенција за информации