25/04/2024
Охрид

Младите волонтери на Црвен крст Охрид подготвени да помогнат во заедницата

И оваа година во Црвен Крст Охрид, 47 младинци успешно ги поминаа трите подготвителни обуки од ЦКА-ПХВ (ЦРВЕН КРСТ ВО АКЦИЈА – ПРОМОЦИЈА НА ХУМАНИ ВРЕДНОСТИ) програмата. Преку обуките спроведени од дисеминаторот Георги Ставрески и инструкторите Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц, во изминатиот период младите детално беа запознаени со целиот процес на ЦКА-ПХВ програмата.

Веќе од наредната недела обучените младинци ќе започнат со изработка на малите проекти. Ќе започнат со детектирање на целните групи, со лоцирање на проблемите и изнаоѓање начин за нивно решавање, а се со цел да се намали ранливоста на населението.

ЦКА-ПХВ (ЦРВЕН КРСТ ВО АКЦИЈА – ПРОМОЦИЈА НА ХУМАНИ ВРЕДНОСТИ) е национална програма која се реализира во сите општински организации на Црвен крст на територијата на Република Македонија. Уште од самиот почеток концептот и методологијата на проектот се одобрени и поддржани од Министерството за образование на Република Македонија и од Бирото за развој на образованието. Тоа се должи на добрите резултати кои ЦКА-ПХВ програмата ги покажува низ годините.

Целта на оваа програма е регрутирање и задржување волонтери, оспособени за работа на мали проекти, преку кои се гради взаемно разбирање, толеранција и култура на дијалог, како основен предуслов за создавање на интеркултурно општетство.

Секоја година околу 1200 младинци на ниво на Р. Македонија на возраст од 13 – 17 години добиваат три обуки преку кои се оспособуваат за работа на терен, односно за тоа како да ги истражат потребите на заедницата, како да дојдат до целната група и како да им помогнат на оние на кои помошта им е најпотребна, притоа правејќи мали проекти кои се од огромно значење за заедницата.

Црвен Крст Охрид во изминативе години бележи врвни резултати во рамки на ЦКА-ПХВ програмата, поради што два пати го има понесено ПХВ пехарот, највисокото признание за квалитетно реализирани проекти.