МСУ со богата агенда на работната посета на Солун

Кураторски тим од на Музејот на современа уметност – Скопје (МСУ) викендов ја заврши неколкудневната работа посета на Солун, при што оствари успешни средби за идна соработка со претставниците на неколку водечки институции од областа на современата уметност во Солун…

Како што информираат од МСУ, на средбата помеѓу директорките Мира Гаќина на МСУ и Марија Цацаноглу на Државниот музеј на современа уметност во Солун, било истакнато дека музеите може да соработуваат и на планот на заеднички настап при конкурирање пред фондови во ЕУ и други меѓународни структури. Двата музеја се фокусирани кон современото уметничко визуелно творештво и имаат автентични и оригинални колекции кои покриваат важни периоди од светската уметност на 20 век.

Било утврдено и дека постои можност за директна соработка во научно-истражувачката област меѓу МСУ и Центарот за современи уметности кој, заедно со Музејот на фотографија, е во склоп на солунскиот Државен музеј. Договорено било конкретната соработка да биде предмет на претстојниот работен состанок во Скопје. Во Музејот на фотографија, пак, директорот Херкулес Папајоану навел конкретни предлози за размена, истражување и заедничко излагање, учество на млади уметници на Солунскиот фестивал, размена на информации за рецентната продукција во областа на уметничката фотографија.

Тимот на МСУ имал работна средба и во Македонскиот музеј на современа уметност во Солун, чие основање е инспирирано од музејот во Скопје – со солидарен пристап по земјотресот во Солун во 1976 година. Според директорката Тули Мисироглу, тоа е добра подлога за развивање вистинска и плодна соработка.

Директорката Гаѓина со своите соработници биле во посета кај заменикот-градоначалник на Солун, Ели Крисиду одговорна за културата и уметноста во градот. „Крисиду во исклучително пријатен амбиент најави секаква помош за идејата за соработка на уметничката сцена од двете средини. Нагласено беше дека и градоначалникот Бутарис во развојот на современата визуелна уметност препознава важен приоритет за солунската администрација и општествениот живот во овој град, како и дека таквата ориентација ќе биде поддржана“, стои во соопштението на Музејот на современата уметност.