28/03/2024
Македонија

МТСП активно ќе ја поддржува работата на Националниот совет за безбедност и здравје при работа

Mинистерката за труд и социјална политика, Мила Царовска на денешната седница на Националниот совет за безбедност и здравје при работа изјави дека активно ќе ја поддржува работата на овој значаен Совет преку Секторот за труд при МТСП, чии капацитети ќе бидат проширени со цел да се одговори на потребите и задачите. Според неа, потребно е членовите на Советот, како ветерани во борбата за подобрување на состојбите со безбедноста и здравјето на работното место, да даваат свое мислење за сите закони и други регулативи кои се поврзани со оваа проблематика.

Претседателката на Советот, Јованка Бислимовска изрази задоволство што за прв пат се одржува седница на ова тело во присуство на министер и дека тоа ќе овозможи поголема видливост на работата на овој Совет.

Денешната седница беше посветена на информирање за активностите на Националниот совет за БЗР и за неговата улога и активности поврзани со спроведувањето на Стратегијата за безбедност и здравје при работа 2020.

Националниот совет за безбедност и здравје при работа е експертско советодавно тело кое го основа Владата на Република Македонија. Советот го сочинуваат 15 члена од кои четири члена, од репрезентативните организации на работодавачите, четири члена од репрезентативните синдикати, три члена именувани од Владата на Република Македонија, еден член претставник на факултетот кој спроведува образовна дејност на полето на безбедноста при работа, еден член претставник на факултетот кој спроведува образовна дејност на полето на медицината на трудот, еден член претставник на здружението на стручните лица за безбедност при работа и еден член претставник на здружението на експерти на медицина на трудот.​