19/04/2024
Македонија

МТСП: Честит ден на Европа- Градиме праведно и хумано европско општество без сиромаштија

Министерството за труд и социјална политика ви го честита Денот на Европа. Денеска ја славиме победата над фашизмот, но уште поважно ги утврдуваме заедничките вредности и заложби врз чија основа е изградена Европската Унија и кои се насока во работењето на секоја демократска и праведна држава. 

Социјалната правда е основата на секое здраво и напредно општество. Наша цел како Министерство е да ја намалиме сиромаштијата и да обезбедиме квалитетен систем за социјална заштита, со кој ќе им помагнеме на нашите најранливи граѓани. Токму ова го постигнуваме со новите закони за социјална и детска заштита, кои пратениците треба да ги гласаат во Собрание. 

Овие закони се дел од социјалната реформа, со која околу 400 илјади граѓани трајно ќе се извлечат од сиромаштија. Социјалната помош се зголемува за 300%, но предвидена е и поддршка за полесно вработување на ранливите категории граѓани, за да можат самостојно да се грижат за себе и за своите семејства. Дополнително, за повеќе од 100% се зголемуваат додатоците за семејства со деца кои живеат во сиромаштија. Конкретно, детскиот додаток место досегашните 3.200 деца ќе го користат 73.500 деца, а образовниот наместо 3.800 деца, 64.316 деца. Наша крајна цел е со овие додатоци да ја намалиме детската сиромаштија, која во моментот изнесува близу 30%. Истовремено со социјалната реформа воведуваме и социјална сигурност за старите лица кои немаат право да се стекнат со старосна пензија и немаат ниту еден ден стаж.

Посветено работиме и на процесот на деинституционализација со којшто создаваме едно општество за сите. За 16 месеци бројот на лица смесетни во установи е намален за 32 %. Во декември 2017 година, во социјалните установи за долгорочно згрижување во земјава биле сместени вкупно 482 корисници, а сега таа бројка изнесува 328. За 75 % е намален и бројот на деца смесетни во институции. Со отворањето на малите групни домови и воспоставувањето на квалитетна база на згрижувачки семејства, децата повеќе не се згрижуваат во гломазните установи. 

Со социјалната реформа градиме едно вистински праведно и хумано општество. Ова е значаен чекор за трајно намалување на сиромаштијата во Република Северна Македонија. Во овој дух уште еднаш ги повикуваме сите пратеници во Собранието да гласаат за овие закони. На денешен ден, ги потврдуваме заложбите за држава без сиромаштија, за Европа без сиромаштија.