29/03/2024
Македонија

МВР: Контроли за почитување на мерките на Владата за справување со КОВИД-19

Во текот на изминатото деноноќие (26/27.03.) на територијата на државата вкупно 107 лица не ја почитувале мерката за забрана на движењето, при што полициските службеници привеле 35 лица, 47 лица биле опоменати, a за останатите се изготвени соодветни записници и доставени до надлежното ОЈО.

Во текот на вчерашниот ден на 18 лица им се издадени решенија за изолација, додека 24 лица потпишале изјави за самоизолација. 

Исто така, од страна на полициски службеници извршени се контроли над лица во изолација и самоизолација, при што било евидентирано дека во еден случај лице во самоизолација не ја почитувало оваа мерка, односно не било пронајдено во својот дом.

По однос на проверка на објекти во изминатите 24 часа извршени се вкупно 206 контроли и во три случаи констатирани се непочитување на мерките. 


Безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба, е стабилна и непречено се реализираат мото-патролите што ги спроведуваат полициските службеници низ градските средини и приградските населби. Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди. На терен, без проблем се одвиваат активностите кон лица што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација.

Во општините Дебар и Центар Жупа без проблеми се реализираат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.

Упатуваме апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движењето од 21.00 до 05.00 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.