28/03/2024
Македонија

МЗШВ ќе воспостави државен Национален гарантен фонд за полесен пристап на земјоделците до кредити

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, интензивно работи на воспоставување на државен Национален гарантен фонд, со кој што ќе се олесни пристапот на земјоделците до кредити а со тоа ќе се зголеми инвестициската активност во земјоделството, потенцираше министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на денешната втора сесија на Работната група за земјоделство и рурален развој, на тема „Кредитирање и современо и конкурентно земјоделство“, организирана во рамки на Националната конвенција за Европска Унија во Република Македонија.

Николовски појасни дека за почеток основа за воспоставување на Националниот грантен фонд ќе биде одблокирањето на парите од јапонската помош. Воедно додаде дека во моментов, во соработка со УСАИД е воспоставен гарантен фонд, преку кој што е обезбедена гаранција за до 50 отсто од висината на побараниот кредито,.

„За да се олесни пристапот до кредити од банките и штедилниците, Владата во соработка со УСАИД воспостави соодветна гарантна шема, вредна 26 милиони денари, со која се покрива различната структура на земјоделските стопанства, односно кредитобарателите, од мали земјоделци до бизнис оператори и преработувачи. Преку овој фонд е обезбедена гаранција за максимум 50 отсто од висината на побаруваниот кредит чија вредност може да биде најмногу 500.000 долари“, изјави министерот Николовски.

Исто така, за 2018 година се предвидени 30 милиони денари за субвенционирање на каматни стапки за ИПАРД инвестиции. Ова е уште една поволност која ја овозможува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и се однесува на субвенционирање на каматни стапки за ИПАРД инвестиции. Оваа мерка се реализира преку годишната програма за рурален развој и се однесува на сите банки, со тоа што каматната стапка на кредитот не треба да биде повисока од 8% а кредитот не поголем од 500.000 евра.

Министерот Николовски посочи дека МЗШВ и во следниот период ќе презема интензивни мерки за полесен пристап до финансии во земјоделството, затоа што кредитирањето во земјоделството е неопходно не само за краткорочно финансиско јакнење на производителите, туку и за подобрување на капацитетите, нови инвестиции, зголемување на продуктивноста, модернизирање и примена на нови технологии.

Пред оваа сесија, во март годинава Работната група за земјоделство и рурален развој од Националната конвенција ја одржа првата сесија на која исто така беа отворени важни прашања за земјоделството, а во фокусот беше ИПАРД.

Министерот Николовски потенцираше дека МЗШВ го потпиша Меморандумот за сорабтока со Националната конвенција за Европска Унија во Република Македонија, која што ќе има важна улога во исполнувањето на препорaките од Европската комисија од поглавјето за земјоделство и рурален развој.