28/03/2024
Охрид

На охридскиот аеродром: ТАВ го пречека првиот лет на Нордика од Талин

Четириесет и пет минути по полноќ, на аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, воден мост го поздрави првиот лет од Талин. По успешните преговори меѓу ТАВ Аеродроми и Нордика, естонскиот национален авиопревозник денес го отвори првиот сезонски лет на релација Талин – Охрид – Талин.

Патниците од воздухопловот со 90 седишта, Bombardier CRJ900, беа топло пречекани со разнобојни колачиња додека се симнуваа од воздухопловот за нивното ново патничко искуство во Охрид.

Од денес, 2 јуни, па се до 15 септември, новата сезонска линија Талин – Охрид – Талин ќе сообраќа секоја сабота. Времето на пристигнување на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид од Талин е 00:45 часот, а полетувањето назад кон Талин во 01:20 часот.

„Среќни сме и со задоволство ја пречекуваме најавената нова линија на естонската Нордика на аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид. Талин, петтата нова дестинација воведена на аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид во последната година, како нов пазар за патници во доаѓање, ќе донесе многу бенефиции не само за аеродромот, туку и за целиот туристички сектор во Охрид и воопшто во нашата држава. Благодарение на Маркетинг-одделот на ТАВ Аеродроми, очекуваме повеќе од 2.500 патници од главниот град на Естонија да го посетат бисерот на Македонија, Охрид и Охридското Езеро, да го збогатат нивното патувачко искуство и да раскажуваат за природните убавини и за гостопримството на Македонија и на Македонците“, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Билетите за 3-часовниот лет на релација Талин – Охрид – Талин се веќе во продажба од 26 септември 2017г., на интернет страницата на Нордика https://www.nordica.ee/ со цени од 99.90 евра.

Нордика го промовира Охрид меѓу Естонците како најпопуларна дестинација за одмор во Македонија, како убав и романтичен град, со богата архитектура, со прекрасни пејзажи, притоа потсетувајќи ги нивните патници дека Охрид е еден од најстарите градови во Европа, и е на Листата на светско наследство на

„Ова е голем ден за Нордика, бидејќи го отвори првиот директен лет меѓу Естонија и Македонија! Охрид е многу значаен за нас, од повеќе причини: Охрид е нашата најјужна дестинација, првата летна сезонска авио-линија која не е блиску до море и воопшто првата рута во Македонија. Имаме големи надежи за оваа линија и се надеваме дека ќе донесеме многу Естонци во Македонија, а во исто време би сакал да ги поканам и сите Македонци да уживаат во естонското гостопримство“, изјави Свен Кукемелк, Извршен директор за бизнис-развој на Нордика.

Според претставниците на Нордика, линиите за летната сезона на авиокомпанијата се многу популарни и за време на минатата летна сезона авиокомпанијата опслужила преку 20.000 патници на сезонските летови до Сплит, Ријека и Одеса.

Естонскиот национален авиопревозник Нордика нуди голем број директни летови од Талин до различни европски дестинации, а во соработка со партнерски авиокомпании нуди летови за конекции до преку 140 дестинации во светот. Со воведувањето на новиот чартер лет на 15 април, Истанбул–Охрид–Истанбул, летната сезона за 2018 г. на охридскиот аеродром беше официјално отворена. Линијата Ајндховен–Охрид–Ајндховен, отворена во мај оваа година, како и чартер летовите што веќе сообраќаат од/до Амстердам, Брисел, Тел Авив и Катовице, како и трите редовни летови до Базел, Цирих и Лондон, го прават Охрид сè поатрактивна дестинација за туристите.

Затоа, ТАВ Македонија очекува фрекфентна летна сезона бидејќи Талин е 8-та дестинација додадена на мрежата на авиолинии на аеродромот во Охрид. Нордика сега го поврзува македонското одморалиште со Естонија и претставува уште еден нов пазар за патници во доаѓање на охридскиот аеродром и за туристи на Охридското Езеро.

Во првите пет месеци од 2018 година (јануари – мај), вкупно 822.678 патници патувале преку двата македонски аеродрома, Меѓународен Аеродром Скопје и охридскиот аеродром Св. Апостол Павле, со пораст од 20% на годишно ниво. Во исто време вкупниот број на летови е 7.196, со 17% пораст на годишно ниво.