19/04/2024
Дебрца

Набавена нова механизација за ЈКП „Дебрца“

„Ветивме дека ќе го подигнеме квалитетот на комуналните услуги на едно пристојно ниво, соодветно на потребите на граѓаните на општина Дебрца.

Една од мерките за постигнување на таа цел е набавка на нова механизација за Јавното комунално претпријатие“, напиша на својот ФБ профил, градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Денес конечно е реализирана набавката и од страна на избраните добавувачи е испорачана механизацијата и тоа:

– универзален ровокопач натоварувач ЈЦБ, опремен со нож за чистење на снег и мини ровокопач на гумена гусеница ЈЦБ, во вкупна вредност од 5.892.191 денари;

-трактор со приклучна механизација-приколка, мулчер и нож за чистење на снег, во вредност од 2.441.550 денари и

-теренско возило Лада Нива, во вредност од 714.347 денари.

Вкупната вредност на механизацијата изнесува 9.048.088 денари или 147.000 евра, а средствата се обезбедени од ЕУ ИПА грант ( 111.000 евра ), грантот за успешност ( 10.000 евра ) и буџетот на општина Дебрца ( 26.000 евра ).

„Во оваа прилика, изразувам благодарност до Делегацијата на ЕУ во Македонија за обезбедениот грант, Министерството за финансии кое го спроведуваше проектот / МСИП проектот за подобрување на општинските услуги и советниците во советот на општина Дебрца, кои едногласно го поддржаа овој проект.

На Јавното комунално претпријатие му посакувам успешно користење на механизацијата и грижа за истата како добри и совесни домаќини. Граѓаните на Дебрца сакам да ги уверам дека дека ова не е крајот на нашите заложби да обезбедиме квалитетни комунални услуги.  Напротив, во подготовка или во тек се и други проекти за кои набргу ќе информираме. И да им посакам со здравје и леснотија да си ја користат новата механизација.“– напиша Ногачески.