Национална Платформа за интеграција на Роми во РСМ– вработување и домување

Денес во свечената сала на Владата на Република Северна Македонија, Кабинетот на министерот Музафер Бајрам организираше состанок на Националната Платформа за интеграција на Ромите во Република Северна Македонија во соработка со Ромската Канцеларија за Соработка од Белград, Р. Србија.

Настанот имаше за цел да ги собере претставниците од јавните институции, претставниците од граѓанските организации како и партнерите на едно место и да се разговара на тема интеграција на Ромите во Република Северна Македонија. Како клучни теми ги одбравме вработувањето и домувањето на Ромите во Република Северна Македонија.

Министерот Бајрам во својот говор ја честиташе заложбата на Владата на Република Северна Македонија и Претседателот на Владата, Г-дин Зоран Заев за Ромите и нивните проблеми и рече: „Оваа влада продолжува да го препознава процесот на интеграција на Ромите како важен приоритет во својата агенда. Ова особено можам да го потврдам со издвојувањето на дополнителни седум милиони денари од ребалансот на буџетот за 2019 година наменети за изградба на трајни живеалишта за Ромите.“ Исто така министерот рече: „Нашиот приоритет е поставен секаде каде што нашата заедница има потреба од подобрување на патната инфраструктура, електрична енергија како и поставување на водоводна мрежа.“

Претседателот на Ромската Канцеларија за Соработка од Белград, Р. Србија, Г-дин Орхан Усеин исто така ја поздрави заложбата на Владата на Република Северна Македонија и искажа задоволство што работите почнаа да се мрднуваат од мртва точка.

На овој состанок на тема вработување свое обраќање имаа и Вељка Јуран – претставничка од Агенцијата за Вработување на Република Северна Македонија, Сузана Ахмети од УНДП-Ацедер Програма, Мирјанка Алексевска од Министерството за Труд и Социјална Политика како и Надире Шаќири и Алберт Мемети како претставници од граѓанскиот сектор.

На тема домување свои говори имаа Мабера Камбери-Раководител на Сектор за техничка поддршка на министерката Царовска, Лила Алчева од Хабитат, Нафи Сарачини од Делегација на ЕУ Канцеларијата во Скопје како и Ферди Исмаили од РОМАКТЕД.