29/03/2024
Македонија

Најавеното зголемување на температурите, опасност по безбедноста на храната

Најавата на метеоролозите за зголемување на температурите, го подигна алармот за заштита на луѓето од можно труење со храна. Високите температури претставуваат голем стрес за животните поради кои тие може да јадат помалку храна, имаат зголемена потреба за вода, а можно е и намалување на производството на млеко и слаб прираст. Како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство ги потсетува граѓаните и сточарите за нужноста од  преземање сет мерки за консумирање на безбедна храна и за заштита на животните и домашните миленици од високите температури. 

Да се направи правилен избор, набавка и транспорт на продуктите, храна да се купува од одобрени оператори, да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и нејзино соодветно чување, а лесно расипливите продукти да се купуваат исклучиво од објекти каде производите се чуваат во разладни уреди. Да се избегнува купување и да не се користи храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), а оладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето. Месо, млеко и јајца да се  купуваат на крај на пазарењето, а овие производи да се внимава не се чуваат долго време во автомобил и други транспортни средства каде температурите се многу високи.

Пред подготовка на храната добро да се измијат рацете, оладената храна да се чува на температура пониска од 5, а топлата храна на температура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Ако по подготвувањето храната не се консумира веднаш, таа треба да се чува во фрижидер. Рацете често да се мијат и во текот на подготовката на храната. Во фрижидер на најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. 

Храната да се заштити од инсекти и глодари, но и од миленичињата и другите животни кои може да ја контаминираат.
Доколку решите да консумирате купена веќе подготвена храна или да јадете во угостителски објект, одберете места кои имаат добра репутација. Доколку сте купиле топла, оладена или замрзната храна, треба што побрзо да ја донесете дома и веднаш да ја ставите во ладилник или замрзнувач. Проверете дали лицето кое послужува храна користи посебни штипки за различни видови храна, во објектите за брза храна, одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и сл.

Внимавајте и на здравјето на домашните животни и милениците бидејќи високите температури можат да бидат  кобни за нив, ако животните се држат во несоодветни услови, во објекти каде има висок процент влага и недоволна вентилација, или ако се држат директно изложени на сонце. Треба да се води сметка и животните да не се изложуваат на напорната работа, или транспортот во услови на високи температури.

Забрзано и плитко дишење, несигурен од (тетеравење), изразена зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед, зголемена жед, тикови и грчеви на мускулите се некои од симптомите по кои може да се препознае топлотниот удар кај животните. Во вакви услови неминовно е животното да се смести во ладовина или во разладена просторија и да му се даде доволна количина свежа вода. Телесната температура да се намали со туширање или со прскање со умерено ладна вода, или пак со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, водејќи сметка ладењето на животното да не биде премногу брзо. 

Животните кои се одгледуваат на фармите да се држат во проветрени простории (отворање на сите прозори и употреба на вентилација како и уреди за разладување), а треба да се внимава и на густината на населеноста на единките во објектите. Препорачливо е животните да се заштитат од директно изложување на сонце, односно да се чуваат под натстрешници, или во природни ладовини. Излегувањето на животните да се врши во раните утрински, или вечерни часови, период во кој треба да се организира и нивниот транспорт.

Сопствениците на домашни миленици да не ги оставаат домашните миленици во затворен автомобил кој е директно изложен на сонце, да се избегнуваат прошетки во текот на најтоплиот период од денот.