24/04/2024
Македонија

Настани низ цела земја за 18 мај, Меѓународниот ден музеите

Со низа активности, предавања, изложби,  бесплатен влез за посетители и награди за музејските работници, денес и утре музеите во Македонија и во светот го одбележуваат Меѓународниот ден на музеите – 18 мај, кој годинава се одбележува под мотото „Хипер поврзани музеи: нови пристапи нова публика“ и 19 мај – Европската ноќ на музеите во  земјава… 

Целта на овие денови и настани е да се подигне свеста за фактот дека музеите се важен начин за културна размена, збогатување на културите и развој на меѓусебно разбирање, соработка и мир меѓу луѓето. Овој ден светот го прославува од 1971 година, а Македонија традиционално се вклучува во оваа прослава.

Во чест на овој ден, Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) традиционално, со цел да ја поттикне, да ја популаризира и афирмира музејската дејност во нашата држава денеска во Музејот на град Скопје во 14 часот ќе ги додели наградите за 2017, за Музеј на годината, Музејски проект на годината, како и Музејски работник и Надворешен музејски соработник.

Овој викенд Музеј на Македонија ширум ги отвора вратите за сите посетители во текот на цел ден, влезот ќе биде бесплатен и во таа пригода, на посетителите ќе им биде подарена по една публикација.

Svetski_den_na_muzeite-muzej_na_makedonija_2018

Денеска пак (18.05), посетителите ќе имаат можност, покрај постојаните музејски поставки, да ја погледнат и изложбата на ликовни дела на Васко Ристовски „Македонска наивна уметност, додека во сабота (19.05) ќе има бесплатен концерт на џез составот Next to Silence, а сите заинтересирани ќе имаат можност да ги посетате изложбите во текот на вечерните часови од 19 до 01 часот по полноќ.

„Од мој агол“ е насловот на изложбата која ќе биде отворена денеска (18 мај), во 13 часот, во Чифте амам. Во рамки на изложбата ќе бидат презентирани фотографии од децата со аутизам изработени во текот на организираното фотографирање реализирано на повеќе локации во Скопје.  Утре пак на 19 мај во Националната галерија на Македонија, објект  Мала станица, со почеток од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Ремек дела од ризницата на НГМ“ во чии рамки ќе биде претставен дел од опусот на еден од главните претставници на хрватската модерна уметност Влахо Буковац, како  и други хрватски автори од истиот период.

bukovac_majka_i_dete

Музејот на Современата уметност – Скопје  ги поканува посетителите денеска  да ја погледнатнајпосетуваната меѓународна изложба „Сè што ни е заедничко”, која се затвора вечерва на полноќ. Утре пак 19 мај музејот ова е и последна можност да се погледне оваа изложба затоа што истата ќе биде затворена точно во 00:00ч. Утре пак на „Ноќта на музеите” музејот нема да ги отвори своите галерии за посетителите,поради технички подготовки за изложбата што следи.

Археолошкиот музеј на Македонија денеска напладне ќе ги промовира новите простории на библиотеката во која  се сместени околу 6.000 книги и повеќе од 20.000 стручни и научни трудови од домашни и од странски автори. Ова е најстарата и најголемата специјализирана археолошка библиотека во земјава.

Денеска на Меѓународниот ден на музеите во Природонаучниот музеј на Македонија во 20 часот ќе бидат отворени две тематски изложби  „Раѓањето на Фрушка Гора“  од д-р Иван Дулиќ  и „Карпи – скриени бои и форми“,на Дарко Тимотиќ.  

Завод и музеј од Струмица денешниот ден ќе го обележи со свечено отворање на  обновената музејска поставка „Струмица и струмичко низ историјата“.

 

posetiteli

 

Вo Заводот и музеј во Штип, е отворена изложбатa „Современата уметност од светлината на музејското депо“, која содржи ликовни дела од современата ликовна македонска уметност што се сопственост на оваа национална институција. Изложбата која презентира досега неизложени дела е дел од програмата на чествувањето на 18 Мај, Денот  на музеите.

По повод 18 мај-Денот на музеите, во Галерија Робевци во 19 часот, ќе биде отворена 28-мата по ред традиционална изложба на дела подарени од автори кои изложувале последните неколку години во галеријата. Настанот ќе биде дополнително збогатен во со перформансот „Шмирглање” на Исмет Радиќевиќ.

Во Музејот на град Неготино по повод Меѓународниот ден на музеите, вчера и денес (17 и 18 мај), во соработка со образовните институции од овој град се реализирана едукативно-ликовна работилница „Музејот како моја инспирација“ на која учествуваат  ученици од основните училишта од Неготино, а изработените ликовни дела пред јавноста ќе бидат презентирани на 24 мај, Денот на просветителите.

Националната установа Музеј д-р Никола Незлобински – Струга   по повод Меѓународниот ден на музеите ја реализира изложбата ,,Едукативна работилница – Хербариум“, а влезот за посетителите ќе биде слободен.

Negotino_den_na_muzeite