28/03/2024
Охрид

Наставничката по германски јазик Ивана Маховска Шикалеска ја реализира стипендијата во Дрезден како награда од Гете

На почетокот на месец март наставничката по германски јазик Ивана Маховска Шикалеска беше во двонеделна посета во Дрезден, Германија каде што ја реализираше стипендијата која ја доби како награда од Гете – Институт Скопје за признанието – Најдобар наставник по германски јазик за 2018 година.

„Овој престој претставуваше едно многу големо искуство за мене како наставник но и како човк кој постојано е во контакт со германскиот јазик и култура. Освен што активно се занимавав со јазикот, учев и техники и методи кои наставниците во Гете- Институт Дрезден ги применуваат при предавањето кои во иднина во целост би ги применила бидејќи се достапни за имплементирање и во нашиот образовен систем односно. Иако не секогаш ни е овозможено користење на најнова модерна технологија на часовите по странски јазик, сепак еден добар и креативен наставник е оној наставник кој од ништо може да створи нешто.“ – вели Маховска Шикалеска.

Имено, Гете – Институт Скопје постојано ги поддржува партнерските училишта со нова опрема и наставни помагала но и нуди обуки за сите наставници по германски јазик.

Во тек е реализацијата на проектот „Туристички водич за млади“ – електронска брошура кој што го реализира со учениците од СОСУ „Св.Кирил и Методиј“ Охрид.

„Работам со ученици кои се несомнено желни за иновативност и креативност во наставата. Прекрасно соработувам со колегите и раководната служба во училиштето со кои постојано се консултирам за текот на проектот. Проектот е во својата фаза на креирање и дизајнирање водич од одбраните слики на училишната изложба – самите ученици го прават дизајнот. Се надевам дека почетокот на месец мај ќе го одбележиме со презентација на електронската брошура но и со можен примерок на испечатена верзија.“ – додаде Маховска Шикалеска.